Македонија
Кризниот штаб и препорача на Владата учебната година да продолжи со настава од 1 февруари

Денеска, се одржа првата седница на Главниот координативен кризен штаб за справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Седницата ја водеше премиерот Ковачевски, а на истата присуствуваше и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски и претседателката на ЗЕЛС Данела Арсовска.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Караџовски ја презентираше актуелната епидемиолошка состојба со КОВИД-19, додека главна точка на дискусија беа опциите за продолжување со настава во тековната учебна година.
Главниот кризен координативен штаб врз основа на дискусијата донесе заклучок дека во моментот, епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради кој препорачува да се одложи учебната година до 01 февруари 2022, со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот.
Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе известуваат на почест интервал околу следењето на состојбата за да може да се прилагодат препораките доколку се јави потреба.
Заклучокот е предложен до Владата и за него Владата ќе дискутира веќе на следната седница која се одржува вечерва во 21:30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски: Опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата

По повод предадените апликации на Финска и Шведска за членство во НАТО, претседателот Стево Пендаровски ја даде следнава изјава:
„Денешното истовремено предавање на официјалните писма за барање за прием во најмоќната воена алијанса е испишување на уште една страница од историските промени во сојузништвото. Искрено ја поздравувам и поддржувам кандидатурата на овие значајни земји за просперитетот и безбедноста на Европа. За жал, фактот дека земји со традиционална воена неутралност со огромно мнозинство одлучуваат да ја променат, зборува дека опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата. Со цел сеопшто посакуваниот траен мир да прерасне во реалност, проширувањето на алијансата е добра вест.
Ја поздравувам оваа одлука и упатувам поддршка за брз прием на земјите кои несомнено ќе дадат придонес во колективната безбедност. Тоа е одлука на суверени земји кои имаат право на сопствени одлуки, особено кога се работи за добросостојбата на нивните граѓани. Северна Македонија, како најнова земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, има чест да ја продолжи политиката на отворени врати со нашите партнери, Финска и Шведска, особено имајќи го предвид политичкиот, безбедносниот и географскиот контекст.
Со полноправното членство на Шведска и Финска, НАТО ќе се зајакне особено во неговото источно крило, од каде и доаѓаат најголемите предизвици, што е случај со руската воена агресија на Украина.
Дополнително, одличните билатерални односи со овие две пријателски земји ќе добијат на уште посилен интензитет преку идното сојузништво, со кое се зацврстува и партнерската соработка во сферите на заеднички интерес, вклучително и нивната принципиелна поддршка за уште едно сојузништво во рамките на Европа“ , изјави претседателот Пендаровски.
Македонија
Милошоски: Во најкус рок седница за тешките повреди на Етичкиот кодекс од страна на Џафери

Денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ поднесе барање до пратеникот Панчо Минов, претседател на комисијата за деловнички прашања и прашања од етичкиот кодекс, да закаже во најкус можен рок седница на којашто ќе се расправа за тешките повреди на етичкиот кодекс од страна на пратеникот и претседател на Собранието Талат Џафери, коишто беа направени на 11 мај годинава, информира Антонијо Милошоски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на коишто ќе може да работи оваа комисија. Тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија за оваа тешка повреда на Етичкиот кодекс“, рече Милошоски.
Потсети дека Талат Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што, како што појасни во член 14, е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.
„Ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите, затоа што Етичкиот кодекс не би имал смисла ако не важи за пратениците од владејачкото мнозинство. Апелирам, особено до пратеничките од понежниот пол, од владејачката коалиција да се придружат на оваа иницијатива, да се расправа на седницата за прекршување на Етичкиот кодекс и да се донесе одредена санкција затоа што навредите, омаловажувањата и вулгарностите беа родово базирани на стереотипите на коишто очигледно сè уште во својот софтвер ги има Талат Џафери иако е претседател на Собранието“, наведе Милошоски.
Изрази надеж дека пратеникот Панчо Минов нема да одолговлекува и дека ќе ја закаже седницата во најкус можен рок за да можат како што рече со аргументи да донесат и санкција за спикерот Талат Џафери.
Македонија
Претседателот Пендаровски упати писмо со поддршка до украинскиот претседател Зеленски

Претседателот Стево Пендаровски упати писмо до претседателот на Украина, Владимир Зеленски, во кое изразува поддршка за украинскиот народ и упатува честитки до претседателот Зеленски за поднесената кандидатура за членство во Европската Унија.
„Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме.
Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европа цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата“, се вели во писмото од претседателот Пендаровски до украинскиот претседател Зеленски.
Во продолжение е интегралниот текст на писмото:
Ваша Екселенцијо,
Срдечно поздравувајќи Ве, дозволете ми да Ви упатам изрази на особена почит кон Вашата држава и кон Вас лично, како и да Ви изразам сестрана поддршка во трагичната ситуација во која се наоѓа Украина и украинскиот народ по руската воена агресија.
Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме.
Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европ, цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата.
Драг Владимир,
Поаѓајќи од оваа моја констатација, би сакал да Ви упатам честитки за успешно пополнетиот прашалник за членство во Европската Унија и да подвлечам дека Република Северна Македонија како земја-кандидат го поддржува европскиот пат на пријателска Украина и добивањето кандидатски статус за време на Советот на Европската Унија во јуни оваа година.
Верувам дека таквиот исход ќе биде праведен и логичен, и ќе претставува поддршка на напорите на Украина на евроинтегративниот пат, како и дополнителен стимул за спроведување на натамошни суштински внатрешни реформи за ваше практично приближување кон Унијата.
Впрочем, европските аспирации нам не ни се потребни како политички трофеј, туку како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за да ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии. Во овој контекст очекуваме потврда дека и нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат.
Господине Претседател, во надеж за скоро целосно ослободување на вашата земја од окупаторот, дозволете ми, уште еднаш да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување и да Ви посакам добро здравје и успех во извршувањето на Вашата одговорна функција во овие тешки времиња, напиша претседателот Пендаровски.