Македонија
Криминално трио ја ограби касата на казиното во Бутел, на двајца браќа им помогнал вработен

Три лица се осомничени за кражба од казино во Бутел, при што биле одземени 1.460.856 денари, соопшти денеска Основното јавно обвинителство Скопје.
-Во предистражна постапка, по наредби на Основното јавно обвинителство Скопје обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение спрема три лица како извршители на кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 2 од Кривичниот законик, сторено на 11 април во казино во Бутел. Јавниот обвинител поведе истрага, бидејќи постои сомнение дека тројцата се дружиле за да извршат кражба и од казиното одзеле 1.460.856 денари, соопшти Јавното обвинителство.
Претходниот ден, како што наведува во соопштението, осомничените – двајца браќа на возраст од 20 и 22 години, како и 29-годишник вработен во казиното, седеле во кафе бар и се договориле како да ја извршат кражбата.
-Според договорот, на критичниот ден, осомничениот вработен во казиното им дал знак кога е погодно време за реализација на кражбата. Браќата дошле со автомобил пред казиното, при што едниот останал во возилото, а другиот маскиран насилно влегол во објектот, се упатил кај касата и првично му покажал пиштол на вработениот – осомничен како да му се заканува. Потоа пиштолот го оставил на пултот и заедно ја наполниле торбицата со парични средства од вкупниот промет од претходниот ден, со намера противправно да ги присвојат. Веднаш потоа двајцата браќа избегале од местото на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности и исполнетоста на законските основи, до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост за двајца осомничени кои се лишени од слобода. Се предлага забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Судот, привремено одземање на патните исправи, забрана за посетување на казиното и забрана за приближување, воспоставување или одржување контакти со останатите осомничени.
За третиот осомничен кој е во бегство, како што велат од Обвинителството, предложено е определување мерка притвор која ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа чиј проект е делницата Тетово – Гостивар од Коридорот 8

Лицемерие, ВМРО-ДПМНЕ става камен-темелник на проект на СДСМ, за кој велеа дека е „историски кримнал“, велат од СДСМ. Денешниот настан на поставување на кемен темелник со кој беше означен почетокот на работите на автопатoт Тетово-Гостивар, кој е дел од Коридорот 8, ги скара двете најголеми партии за тоа чиј успех е тоа. ВМРО-ДПМНЕ се пофали со голем настан денес, а СДСМ веели дека тоа е нивен проект.
„Денешното ставање камен-темелник на делницата Тетово – Гостивар од Коридорот 8 уште еднаш ја разоткрива целата хипокризија, дволичност и лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Токму проектот со ‘Бехтел и Енка’ што тие со месеци го оцрнуваа, го блокираа и го нарекуваа „историски криминал“, денес со гордост го промовираат. Ако е ‘историски криминал’ дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во криминал? Едно е јасно, лицемерието на ДПМНЕ нема граници, но сепак добро е што продолжува реализацијата на стратешки проект на СДСМ. Подготвителните работи, вклучително геомеханички истражувања, проектирањето, усвојување на инфраструктурниот проект и обезбедување финансиски план за оваа делница од 17 километри, беа започнати токму во времето на претходната влада на СДСМ. Делницата е дел од вкупно 110 километри што ги опфаќа стратешкиот договор со Бехтел и Енка за кој ВМРО-ДПМНЕ велеше дека е криминален. Од пат со широчина од 17 метри, СДСМ ја предвиде и почна реализацијата на модерна автопатска делница широка 27 метри – вистински инфраструктурен напредок. СДСМ инвестираше, градеше, ВМРО-ДПМНЕ кочеше. Но вистината секогаш излегува на виделина. После 10 месеци владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден свој инфраструктурен проект, единствено што прави е да ги доврши проектите на СДСМ“, велат од СДСМ.
Македонија
Од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина по новиот автопат од Тетово до Гостивар, ама за две години

За две години ќе биде готов новиот автопат од Тетово до Гостивар, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на денешниот старт на градежните работи на оваа делница.
Со пригодна церемонија и присутво на владиниот врв, се означи почетокот на работите на автопатoт Тетово-Гостивар, кој е дел од Коридорот 8. Според најавите оваа автопатската делница долга 17,5 километри ќе чини околу 90 милиони евра, а се предвидува да биде готова за две ипол години. Прoeктот предвидува шест сообраќајни ленти, три во секој правец, односно две возни ленти и една за застанување. Проектот за изградба опфаќа и девет натпатници од кои – 8 натпатници за поврзување на локалните патишта, еден натпатник за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште и реконструкција на клучката за излез од Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето напомена дека со почетокот на работите се испраќа најсилниот одговор на сите скептици и, како што потенцира дека не ветувале празно. Тој ја истакна важноста на овој проект за поврзување со другите држави.
– Како земја којашто за жал не излегува на море, секогаш кога разговаравме во рамките на Владата ни беше предизвик да изнајдеме која е нашата стратешка предност во однос на сите оние земји во регионот и пошироко во Европа, и тогаш многу едноставно дојдовме сите заедно до еден заклучок, а тоа е дека како држава сме единствените можеби коишто имаат потенцијал да бидат дел од пан-европски коридори. Првиот е овој од кој денес се обраќаме, а тоа е Коридорот 8, вториот е Коридорот 10. Коридорот 8 којшто ги поврзува Јонското и Јадранското море со Црното море, Коридорот 10 којшто го поврзува во овој дел од Европа, средоземјието со Централна Европа, но и Коридор 11 којшто поминува во нашето источно соседство, рече премиерот Мицкоски.
Тој напомена дека со една отсечка којашто ќе ги поврзува Коридорот 10 и Коридорот 11, Македонија станува земја којашто ќе биде директно поврзана со сите пристаништа во овој дел на Европа и ќе биде значајна алка на јужното крило на НАТО.
Випцепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на настанот во своето обраќање напомена дека оваа делница има голема важност за жителите во полошката котлина и побезбедно движење во сообраќајот.
– Со почетокот на овој автопат, го претвораме Полошкиот регион во раскрсница на можности и инвестиции, работни места, го скратуваме патот меѓу Скопје, Охрид и Струга, и ја приближуваме границата кај Ќафасан кон секој наш дом и секоја бизнис идеја што чека пазар. Создаваме можности да си ги вратиме децата дома. Ќе не мерите по завршени километри, не по потрошени зборови, рече вицепремиерот Меџити.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во обраќањето напомена дека со формирањето на Владата за една година значјано е зголемен бројот на спроведени експропријции на парцели на трите делници. Планот, како што посочи Николоски е до ова лето активно да се работи на изградба на автопати во рамки на коридорите 8 и 10д од 65 до 68 километри.
– Во април 2025 година имаме 2.497 парцели експроприрани, прогресот е помножен некаде пет пати. Тоа значи дека отвораме фронт за работа на делницата Тетово-Гостивар од 17,5 километри, на Гостивар – Букојчани 14,7 километри и Прилеп – Битола 29 километри, рече Николоски.
Џош Бејкер преставникот на „Бехтел и Енка“ во обраќањето ги изложи предвидените зафати.
– Овој регионален пат ќе се заврши прв за да се овозможат преусмерувања на сообраќајот и за да се сведе нарушувањето на текот на сообраќајот на минимум додека се гради автопатот. Имаме употреблив пристап за градежни работи на локациите на повеќе од 20 километри од трасата. Работиме заедно со ЈПДП и со властите за да го прошириме ова уште повеќе и да имаме пристап до повеќе од 50 километри до крајот на месец јуни, рече Бејкер.
Тој напомена дека градежните работи сега се во тек по должина на 3 од 4 делници, а планирањето напредува за сите 4 делници. До денес завршени се 1,9 милиони кубни метри ископување и 22.000 кубни метри бетон.
На настанот се обратија и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
Како што кажа Трајановски, компанијата „Бехтел и Енка“ почнува со работа на делницата 1 од автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, која чини 90 милиони евра. Во двата правци ќе има по две коловозни ленти и по една лента за застанување.
„Договорот за оваа делница е потпишан во март 2023, а во јули 2024 наследивме само две информативни табли и ништо повеќе. Но, сега го гледате напредокот, се работи на трите делници, односно на Прилип-Битола, Гостивар-Букајчани и сега на Тетово-Гостивар. Во 2027 очекуваме да биде готова оваа делница. Знаеме дека жителите на овој регион ќе се соочат со проблеми поради градежните работи. Но, две години брзо ќе поминат и потоа ќе можат сите граѓани да патуваат многу поудобро и побрзо. Со реализацијата на целиот коридор Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид, од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина“, рече Трајановски.