Македонија
Кузеска: Полицаецот што го пропушти Груби, бил поставен директно од Тошковски пред неколку недели

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија побара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, тврдејќи дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го организирале бегството на Артан Груби кој се сомничи за милионски криминал во Државна лотарија.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска рече дека според изјава на министерот Тошковски кривичната пријава против Артан Груби е поднесена на 13-ти декември. За неполни два дена потоа Груби слободно го поминал граничниот премин Блаце, односно на 15 ти декември. Според неа, ова значи дека Груби навреме добил дојава од внатре, од самото МВР со кое управува Тошковски.
„Иако била поставена полициска контрола на кружниот тек, полицајците немале никаква информација ниту кого треба да очекуваат, ниту со какво возило. Ова е прв сомнеж и јасен индикатор дека намерата не била да се спречи бегството туку да биде параван за де факто неговото пуштање надвор од државата. Потсетуваме дека Груби цело време додека е во земјава и додека ова се случува има лично полициско обезбедување кое е исто така под целосна надлежност на Тошковски. Понатаму, на граничниот премин Блаце, Груби слободно ја минува границата, иако внимавајте бил ставен на стоп листата. Си го дал пасошот и слободно си поминал. Тоа покажува дека не е направена проверка во системот на граничниот премин. Ова е секако уште еден индикатор дека кој ја поткрепува тезата за договорено пуштање“, рече Кузеска.
Таа обвини дека службеникот којшто е поставен за контрола на граничниот премин, полицаецот Б.Ј е поставен на таа позиција директно од Тошковски, а претходно извршувал друга работна задача неповрзано со контролата на граничните премини.
„Последната информација која ја добивме и денеска ја објавуваме е дека полицаецот Б.Ј. добил преместување на граничниот премин Блаце од полициската станица во Чашка по барање на Тошковски и тоа пред само неколку недели на 24 ноември. Дали овој човек е донесен на Блаце токму со умисла да спроведе нешто што е потребно за Тошковски? Спроед информациите, овој службеник во минатото бил често промовиран и преместуван токму од страна на ВМРО-ДПМНЕ а истиот има историја на прекршоци на работното место“, рече Кузеска.
Таа праша дали тој е всушност човекот кој е задолжен за извршување на вакви дела за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е буквално истата шема при бегството на Блерим Рамадани за којшто предупредувавме. Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци и терорости а тоа се случува само поради целосната партизација којашто ја спроведе Тошковски. Ова се фактите, ова е вистината за бегството или поточно пуштањето на Артан Груби слободно да си замине од земјава“, рече Кузеска.
Го повика министерот да си поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јуни 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Јули 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.07.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.07.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
Тошковски и Дачиќ: One Stop систем за побрз проток и помалку чекање на граѓаните

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ денеска на граничниот премин Табановце – Прешево го промовираа почетокот на One Stop системот на заеднички контроли на граничниот премин со што се овозможува побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
Почетокот на овој систем на заеднички контроли симболично беше означен со потпишување на Протоколот за извршување на гранични проверки на гранични премини кои го потпишаа двајцата министри на настанот. Воедно денес беше потпишан протокол за соработка за време на летната и зимската туристичка сезона кој го регулира меѓусебното испраќање на полициски службеници за помош на туристичките места и настани во зависност од потребите, што веќе функционира во годините наназад.
„Она што го ветивме го остваруваме на дело. На почетокот на оваа летна сезона, воведуваме заеднички систем на гранична контрола, кој што треба да овозможи побрз проток и помалку чекање на нашите граѓани. Денес официјално започнуваме со употребата на One Stop системот и сигурен сум значително ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници. Денес беше потпишан и протоколот за размена на полициски службеници во рамки на туристичките центри каде што имаме потреба во рамки на туристичките сезони“, потенцираше Тошковски.
„Целта на оваа соработка е поедноставување на комплетните процедури на граничните проверки така што полициските службеници на земјите ќе бидат овластени освен за граничните проверки на својата земја да ги извршат и проверките и за излезните гранични проверки. Едноставно воспоставуваме One Stop контрола и тоа на местото на влегувањето во државата. Со тоа едно застанување се избегнува непотребното задржување на патниците на излез. Ова е голем чекор напред посебно кога се однесува за големите празници или летната сезона која голем број луѓе ги минуваат границите“, образложи Дачиќ.
Воедно двата министри разговараа за дефинирање на соработка во вонредни ситуации како пожари за взаемно помагање и користење на ресурсите со кои располагаат двете страни при такви ситуации.