Македонија
Ласовска: Доста беше со импровизации, нашите деца заслужуваат квалитетно образование
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денес, на Комисијата за образование, наука и спорт побара повлекување на концепцијата за реформи во основното образованието и одржување итна јавна расправа во Собранието.
Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, потребна е јавна расправа во Собранието со вклучување на сите релевантни фактори.
„Доста со глумење некаква јавна расправа. Јавна расправа нема. Мила Царовска дозволи пишување писма до неа, но тоа не е и не може да биде јавна расправа. Потребна е вистинска јавна расправа овде во Собранието со вклучување на сите релевантни фактори, со цел оваа реформа навистина да се унапреди и да се подобри квалитетот на образованието во Република Македонија.
Реформите во образованието мора да бидат резултат на изграден национален став, кој што ќе биде создаден од тимови од реномирани и докажани експерти во областа, а не партиски експеримент на министерката Мила Царовска, кој има многу мани и недоследности за кои реагираа речиси сите што се дел од образовниот систем во Македонија.
Негативните критики се сè почести за концептот на интегрирање предмети, особено на предметите историја и географија и со демантите од многубројни здруженија излезе на виделина дека Царовска сака да манипулира со јавноста дека се работи за некаков фински модел, што ќе значи укинување на предметот историја и други предмети, односно нивно интегрирање.
Таа нагласи дека јавната расправа што ја бараат во Собранието треба да биде место каде што ќе може да се слушнат многу забелешки, предлози, концепти и мерки врз кои, како што вели таа, подоцна би се изградила национална стратегија од која ќе произлезат нови реформи и концепти во образовниот систем и тие ќе бидат донесени со консензус од сите политички фактори, но и консензус од сите релевантни институции што ќе учествуваат во нејзиното градење.
Ласовска истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета оти ваквото самоволие и ваквите експерименти што сака да ги турка оваа Влада преку министерката Мила Царовска се крајно несериозни, понижувачки и дека последиците од сето ова ќе ги трпат учениците и наставниот кадар.
Затоа, доста беше со импровизации, нашите деца заслужуваат најдобро, нашите деца заслужуваат квалитетно образование, а нашите наставници и професори квалитетни наставни програми, заврши Ласовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

