Македонија
Латас го спомена таткото на Костадин Костадинов, па доби закана: „Цела фамилија те чекаме, со наш суд“

Навреди и закани помеѓу Драган Павловиќ-Латас и струмичкиот градоначалник од СДСМ, Костдин Костадинов, откога новинарот во јавно излагање на поткаст рече дека Костадинов е толку богат што татко му ги искоцкал куќата и целиот имот, а Костадинов за пет години го вратил тоа заработувајќи куќа, автомобили, мотори.
По ова, се огласи Костадинов на социјалните мрежи со објава дека татко му е починат, а кај нив кога некој ќе ја чепне честа на мртов човек, правдата не се моли, туку се зема. Неговата објава е со наслов „Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!“, а во продолжение додава: „И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ на улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности“, се вели во објавата.
По фејбсук-објавата, се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат: „Најостро го осудуваме повикот за убиство и линч врз новинар од страна на Костадин Костадинов, институциите да реагираат“.
„Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега им се заканува на новинари дека ќе се осветува на свој начин. Матрицата на СДС е таа и нема менување. Зад ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев. Ова се правите лица на соработниците на Заев и Филипче. Повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде! Партијата, чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Го повикаа МВР да реагира и да го повика на распит градоначалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поврзаноста не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан

Во периодот од 15-18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот, претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и вештачката интелигенција – можностите кои ги создаваат и отвораат, но и предизвиците кои стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“, додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво, пренесувајќи ја пораката дека малите земји, преку мудрост и искуство, можат да придонесат за глобалниот мир и стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени, кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.
Македонија
„По Апасиев и Мециновиќ и Мојсоска си инкасирала пари од партијата додека критикувала за патни трошоци“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Јована Мојсоска по примерот на нејзините сопартијци, Димитар Апасиев и Амар Мециновиќ, инкасирала големи суми на пари од партијата. Додека од граѓаните бараат и собираат донации, врвот на Левица тие пари ги ставал во нивни џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мојсоска која не престана да ги напаѓа пратениците за патни трошоци, за четири години од Левица си инкасирала над 600 илјади денари.
Додека во Собрание Мојсоска ги напаѓа и обвинува колегите пратеници зошто законски добиваат патни трошоци, таа од 2021 година до денес, од својата партија зела стотици илјади денари.
Ова лицемерие на Мојсоска и Левица, кога едно зборуваат, а друго прават, е целосно разоткриено и демаскирано.
Народот виде дека додека во јавност продаваат скромност и неподмитливост, зад нивниот грб, со пари на граѓаните, ги полнат сопствените џебови.
Тука се јавуваат и други дилеми, како на пример врз кој основ Мојсоска ги добила овие пари и дали тоа се партиски патни трошоци?
Мојсоска и Левица до толку ли може да бидат лицемерни, од една страна да ги напаѓаат колегите пратеници, а од другата страна, од сопствената партија да зема над 600 илјади денари?
Левица, Мојсоска и останатите од партискиот врв се прочитани и демаскирани. Народот виде дека се обични профитери загрижени, единствено, за сопствените џебови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Два активни пожари во Гази Баба и Гевгелија, под контрола пожарот во „Дрисла“

Во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Според податоците на Центарот за управување со кризи, до утрово во 07:00 часот, два од нив сè уште се активни, два се ставени под контрола, а останатите 27 се изгаснати.
Активни пожари и натаму има во атарот на селото Виниче, во општина Гази Баба, каде е зафатена нискостеблеста шума, како и на Кожуф планина кај селото Петрово во општина Гевгелија, каде што гори букова шума.
Под контрола се пожарот на депонијата „Дрисла“ во општина Студеничани и пожарот на депонијата „Острец“ во Делчево, каде што горел отпад.
Останатите пожари, кои беа зафатиле различни типови нискостеблеста вегетација, грмушки, трски, стрништа и депонии во повеќе региони од државата – меѓу кои Скопје, Битола, Крушево, Струмица, Струга, Дебар, Кичево, Куманово и други општини – биле изгаснати.