Македонија
ЛДП: Новите регистарски таблички за службените возила ќе значат крај на злоупотребите
По иницијативата за намалување на банкарските трошоци, уште еден предлог на Либерално-демократската партија (ЛДП) добива реализација, службените возила добиваат посебни регистарски таблички.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, потврди дека сите институции ќе мора да ги заменат табличките до крајот на годината. Првичниот рок од 15 септември е продолжен до 29 септември, а како конечен датум се споменува 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на возилата.
Новите црвени таблички со жолти ознаки ќе важат за сите возила во државна сопственост, а жолтите со црвени ознаки за специјални намени. Иако правилникот не предвидува казни за институциите што ќе доцнат, новите ознаки ќе станат задолжителни при првата регистрација. Според проценките, државата располага со околу 7.500 службени возила, но точната бројка ќе биде позната по изработката на регистарот.
За ЛДП, оваа мерка е јасна порака дека јавните ресурси не се лична привилегија на малкумина. Ова е петти наш предлог прифатен од државните претставници во изминатата година, по иницијативите за референдум за отповикување градоначалници, толкувањето на заклучоците од ЕУ и одложеното дејство на уставните измени, намалувањето на банкарските провизии и зголемените инвестиции во домашната одбранбена индустрија.
„Апелираме институциите навремено да ја завршат постапката и да ги заменат регистарските таблички во законскиот рок. Само така, со транспарентно работење и институционална дисциплина можеме да ги спречиме злоупотребите во иднина и повторно да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите“, велат од ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај
Од 15:00ч. ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај на сите видови возила, информираат од АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје – Европска престолнина на културата 2028
„Град Скопје денеска направи значаен чекор во насока на целосна и координирана подготовка за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, се воспоставува јасна институционална рамка за партнерска соработка и заедничко дејствување на сите нивоа на локалната самоупр“, соопштија од оваа институција.
Овој чин, како што нагласуваат од Град Скопје, означува нова фаза во процесот на реализација на проектот, во која обединетите институционални капацитети и ресурси ќе бидат ставени во служба на достоинствено, одржливо и успешно претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година.
„Скопје – Европски град на културата 2028! Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Потпишувањето на меморандумот, како што истакна, испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.
„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните.
Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар.
Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град.
Најдоброто, доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Доживотен затвор за братоубиецот во Кавадарци: го убил бидејќи верувал дека сака да го преземе целиот имот
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор.
Обвинетиот на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
При изрекувањето на пресудата, Судот донесе Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор, соопшти обвинителството.

