Македонија
Левицата: Владата на чело со Заев освен со криминал Собранието го контаминираше и со вирус
Од партијата Левица реагираат на вчерашните случувања во Собранието и според нив премиерот Зоран Заев, заедно со неговите најблиски соработници секој ден тоне во криминал, а обрачот околу него со секој поминат ден, како што велат од оваа партија, се стега сè повеќе. Од таму додаваат дека единствено прашање на време е кога оваа криминогена структура околу Заев ќе ја изгуби власта.
„Токму поради паниката која го зафаќа премиерот Заев, како страв од кривична одговорност за сите злодела и криминали кои ги направи во периодот на неговото владеење, тој посегнува по уште поголем криминал и репресија, а со тоа и другите околу него ги вовлекува во криминални дејствија. Последен ваков случај беа вчерашните случувања во Собранието на Македонија, каде премиерот Заев, заедно со спикерот Џафери, прекршувајќи ја одлуката на Собранието и Кривичниот законик, поттикнаа двајца пратеници на кривично дело, принудувајќи ги да се појават на гласање на 32. седница и покрај тоа што пратениците беа позитивни на коронавирусот, што претставува кривично дело според КЗ Чл. 206 – за што Левица ќе поднесе кривична пријава против овие два пратеника“, потенцираат од Левица.
Објаснуваат дека со цел да се обелодени вистината во јавноста, која СДСМ и особено ковид-позитивните пратеници претставувајќи се како жртви ја испревртуваат, доволно е да се погледнат точките на дневен ред од 32. седница, и тоа на сајтот на Собранието.
Според Левица, токму од таму може да се види дека 5. пакет економски мерки не бил точка на дневен ред на оваа седница.
„Имено, Гласањето за 5. пакет мерки НИКОГАШ НЕ БИЛО ДОВЕДЕНО ДО ПРАШАЊЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА, бидејќи истата спикерот можеше да ја свика и на 16 април, но тоа не го стори. Вчера, за тој пакет економски мерки гласаа над 100 пратеници! Воопшто не беше потребно присуството на ковид-позитивните пратеници за изгласување на петтиот пакет мерки, коишто патем, додека медицинскиот персонал низ земјава страда од недостиг на заштитна опрема и секој ден умираат луѓе како жртви токму на неспособното Министерство за здравство – тие дојдоа со скафандери и приватни амбулантски возила. Секојдневните непромислени и невешти дејанија на Заев и неговите соработници од власта се само доказ дека се наѕира крајот на овој веќе распашан режим, дотолку повеќе што, нивниот крај ќе биде полош и од оној на Груевски. Овој пат нема да има повторна амнестија за Зоран Заев“, стои во писмената реaкција од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

