Македонија
Левица: Градоначалникот на Студеничани ја игнорира војлата на своите сожители

Парите од непознатата фирма за фотоволтаици со која Општината Студеничани има склучено договор уште пред година дена за месноста Драга во Долно Количани веројатно добро ќе го „згреат“ и така веќе длабокиот џеб на тамошниот крадоначалник, Азем Садики. Неговото име е поврзано со низа коруптивни скандали во неговиот повеќегодишен мандат како градоначалник, велат од Левица.
„Откако по неполни два дена беа собрани 500 потписи од загриженото население, беше формиран иницијативен одбор којшто се состана со градоначалникот на 04.02. 2024 година. Но, ставот нa граѓаните беше крајно игнориран од страна на арогантниот градоначалник кој ладнокрвно кажа дека проектот ќе се реализира. На ова, веќе следниот ден, иницијативниот одбор достави барање до Советот на општина Студеничани да одржи вонредна седница, каде бараат укинување на одлуката. Беше побарано да бидат поканети членови на иницијативниот одбор, со цел да можат подетално да го образложат проблемот, како и изземање на таа парцела од програмата за отуѓување на државен имот за 2024 година.
На ова нивно барање до ден денес не е одговорено. Нивната загриженост произлегува од тоа што таа парцела е единствениот зелен појас во околината каде месното население се рекреира и спортува.
Покрај тоа, никој не побарал мислење од локалните жители за отуѓувањето“, истакнуваат од оваа партија.
ПОјаснуваат дека, Левица поднесе барање за да биде доставен договорот за јавно-приватно партнерство меѓу Општина Студеничани и компанијата ангажирана за изградба на фотоволтаиците, како и објавување на нејзиното име и сопствениците, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Но, иако поминаа речиси две недели се уште не добивме никаков одговор.
Поради ова, се сомневаме во матни зделки каде веројатно само профитираат градоначалникот Азем Садики и неговите блиски луѓе од партијата, притоа заборавајќи на здравјето и квалитетот на животот на жителите.
Левица остро се спротивставува на какви било злоупотреби од ваков вид и ќе стори се за расветлување на потенцијалните криминали на власта“, потенцираат од партијата на Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Границите во колапс, по еден час се чека на Табановце и на Богородица

Зголемена фреквенција на возила и чекање од околу еден час се евидентирани на граничните премини Табановце и Богородица, информира Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). На останатите гранични премини, според АМСМ, сообраќајот се одвива нормално без подолги задржувања за влез или излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на возилата е зголемен, особено надвор од градските средини.
Од АМСМ препорачуваат зголемено внимание при управување со возилата, прилагодување на брзината, како и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.
Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.