Македонија
Левицата: Згрозени сме од нечовечкиот повик на премиерот за веселба веднаш по солзите на мајките од Кочани
Во неверување сме од крајно несоодветната и нечувствителна изјава на премиерот Мицкоски, дадена по излегувањето од седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот – седница на која зборуваа родителите на трагично загинатите деца од Кочани. Наместо емпатија, обврска и чувство на одговорност, Мицкоски порача дека треба да се веселиме и да зборуваме за убави работи, велат од Левица.
„Всушност, побара, македонскиот народ на којшто пред само неколку месеци му се случи ужасна трагедија од светски размери, македонскиот народ кој сѐ потешко живее – да се однесува шизофрено, делузионално, како што тоа го прави власта на чело со ДПМНЕ.
Мицкоски побара од народот во земја завиена во црно, да ги игнорира секојдневните скандали, стравови и опасности по безбедноста и животот… и тоа веднаш по солзите на мајките, нивните траорни сведоштва и барања. Наместо да покаже државничка зрелост, на утажените родители и на македонскиот народ да му влее надеж, да го утеши со слух и подигне со акција за вистинска промена на системот – тој порача дека наместо да се создава темнина, треба да се зборува дека пред три дена во Скопје во 14:00 часот имало почист воздух од Виена.
Родителите ги разобличија лагите коишто владата на ДПМНЕ ги пласираше во јавноста по кобната ноќ во Кочани, за наводна еднократна финансиска помош – тие потврдија дека немаат добиено ништо од Владата. На ова, Мицкоски наместо да се засрами и веднаш да иницира ваква помош, фактички одговори дека и понатаму нема намера да пружи финансиска помош и поддршка.
На барањето за законски измени, тој ноншалантно, незаинтересирано и ладно одговори дека не добил барање во владата и дека тоа може да си го направат пратениците доколку сакаат“.
Накратко, додаваат од Левица, Мицкоски не се воздржуваше да прикрие дека на седницата дошол безволно, по притисок на јавноста откако одгатна дека неприсуството ќе го чинеше многу (иако ден пред седницата за медиумите изјави дека нема да присуствува). „Па така, тој арогантно изјави дека не чул ништо ново, всушност, дека само изгубил време. Не криеше дека присуствувал само поради удобноста на неговата фотелја, а не за да се исполни целта на оваа Комисија, да се преземат мерки, да се иницираат законски измени и системски промени, да отвори очи, да развие емпатија и преземе мерки.
Минимумот којшто требаше да го направи премиерот кој неодамна вети дека ќе си даде оставка доколку се утврди каква било поврзаност на ДПМНЕ со агенцијата за обаезбедување (за што подоцна се утврди силна поврзаност), беше да изјави дека ќе постапи по барањата на родителите и да го разреши барем обвинетиот министер, Шабан Салиу, кој во судот се појавува со службено возило. За жал, македонската јавност не беше сведок на апсолутно ништо вакво.
Колку и да се обидува да ја релативизира и заташка трагедијата, Мицкоски не може да избега од фактот дека секоја негова ароганција и неодговорност, ја продлабочува недовербата. А кога народот ќе ја изгуби довербата – насилниот оптимизам нема да ја врати“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

