Македонија
„Левица“: Куштрим Рамадани и Васко Ковачески мора да понесат одговорност за енергетската криза

Од „Левица“ бараат одговорност од директорите на МЕПСО и ЕСМ, Куштрим Рамадани и Васко Ковачески, за, како што велат, лошата кадровска политика во енегетските компании и немање реална и спроведлива енергетска стратегија, поради што државата ќе се доведе до колапс, на што предупредувале уште минатата година.
„Недомаќинското трошење на водните ресурси, како и лошото менаџирање со ископите на јаглен нè доведе до ситуација државата да се задолжува со речиси два милиони евра дневно за електрична енергија, која воедно БЕСПРАВНО се презема од системите на соседните земји, како што објави самиот директор на МЕПСО, поставен од ДУИ – Куштрим Рамадани. Поради ваквата ситуација на бесправно преземање електрична енергија, дозволивме да бидеме дисциплинирани од страна на Европската мрежа на систем оператори, како држава која го нарушува европскиот систем за пренос на електрична енергија.
„Левица“ повторно акцентира дека за ваквата состојба во која се најде Република Македонија виновниците имаат име и презиме и Владата не може да се амнестира, повикувајќи се на „лошата” хидролошка година, бидејќи хидроакумулациите не се испразнија со испарување на водата – туку со нестручно, несовесно и лукративно менаџирање на раководниот кадар поставен токму од Владата!“ соопшти „Левица“.
Оттаму прашуваат: Зошто Електрани на Македонија (ЕСМ) и директорот Васко Ковачевски не можат да произведат доволно струја за да ги задоволат потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме? Зошто АД МЕПСО не ги набавил кусоците на електрична енергија во системот, за кој и по закон е задолжен? Зошто АД МЕПСО не ја активирал ТЕЦ Неготино, која е резерва за вакви случаи на криза, а според законот е под негова надлежност и за тоа има финансиски издатоци спрема ТЕЦ Неготино како ладна резерва? Од каде ќе се обезбедат овие два милиони евра кои дневно се трошат со бесправно преземање на електрична енергија? Не дали, туку колку Владата ќе ја зголеми цената на електричната енергија за граѓаните, поради сопствената лоша кадровска политика во енергетските компании?
Дали Владата ќе ги послуша советите на нејзините „експерти” за електрична енергија, од типот на Кочо Анѓушев, па овие пари да се платат од буџетот на државата преку повторно задолжување, за само привремено да се постигне привиден социјален мир и заташкување на енергетската катастрофа, со што проблемот би го наследила следната Влада? Дали е точно дека оваа енергетска криза, предизвикана исклучиво од лошо менаџирање на енергетските компании под контрола на Владата, Македонија ќе ја чини минимум двеста милиони евра до крајот на грејната сезона?
Левица потсетува дека многу брзо ќе дојде времето кога секој ќе одговара за сопствените постапки и нема да може да се сокриваат под наметката на колективна одговорност, како што ни се случува денеска. Владата во пад е должна да ги преземе сите мерки за справување со ситуацијата во која е доведена државата, токму од нејзините кадри, за да се спречи катастрофата што ни претстои во текот на зимските месеци, наведуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.