Македонија
Левица поднесе кривична против Сашо Дранго: Мицкоски уште го нема разрешено

Политичката партија Левица поднесе кривична пријава против заменик-директорот на „Македонија Пат”, Сашо Дранго, поради сторено кривично дело незаконит лов, казниво по член 238 ст.(4) од Кривичниот законик.
„Пријавениот во декември 2024 год., додека бил на лов, иако како ловец знаел или требало да знае дека согласно Законот за дивечот и ловството трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во исклучителни случаи, а за време на кривичниот настан Министерството нема издадено таква дозвола, но и покрај тоа уловил редок дивеч-мечка и воедно со истиот улов се фотографирал во знак на „триумф“, велат од партијата Левица.
„Иако јавноста бурно реагираше после објавените фотографии на заменик-директорот од ДПМНЕ, скандалозно е што истиот сѐ уште не е разрешен од неговата функција. Иако и премиерот Мицкоски изјави дека не верува во верзијата која Сашо Дранго ја пласираше во јавноста, сепак пријавениот и понатаму врши јавна функција, со очигледно нарушен кредибилитет и углед во јавноста. Додека новата влада постојано ветува дека никој не смее да биде над законот, очигледно тоа не важи за кадрите на ДПМНЕ; кои “гордо” се сликаат при флагрантно вршење на кривично дело.
Левица ја повикува Владата што поскоро да го разреши пријавениот од функцијата заменик-директор на „Македонија пат”, наместо да го штити неговото дивеење. Дополнително, иако два месеци се изминати од кривичниот настан, јавноста нема никаква информација дали ОЈО-Битола поднело обвинителен акт против лицето Сашо Дранго. Сето ова укажува дека власта на Мицкоски сака да го забошоти овој случај и нивниот партиски кадар воопшто да не одговора. Левица будно ќе го следи овој случај со цел правосудните органи, под влијание на власта, да не се обидат да го заштитат заменик-директорот Дранго, кој дефакто е фатен во вршење кривично дело“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.
Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски: Криминалците управуваат со улиците, МВР не функционира

По трагичниот случај во Прилеп, од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагираат на, како што велат, целосно излезената од контрола безбедносна состојба во државата и бараат итна оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Ќе ги почекаме официјалните информации за конкретниот случај во Прилеп пред да го коментираме, затоа што не сакаме да злоупотребуваме ништо. Но она што е факт е дека луѓето во Македонија веќе една година се убиваат по улици, маала и дури во сопствени домови. Безбедноста е урната, а Тошковски залудно лаже дека е подобрена“, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, Македонија се соочува со вистинска ескалација на насилство и криминал.
„Сведоци сме на убиства, престрелки, ликвидации и закани, повеќе од 25 убиства и обиди за убиства само во една година. Слободно се движи оружјето, а нарко-кланови функционираат без препреки. Наместо полицијата да ги спречи, ги штити“, обвини Кузеска.
Таа порача дека државата е парализирана, а криминалците управуваат со улиците, додека „власта со своето молчење и неспособност го дозволува тоа“.
„Пораката што граѓаните ја добиваат денес е дека нивниот живот вреди помалку од политичките амбиции на власта. Тоа е страшна порака“, рече Кузеска, повторувајќи го барањето:
„Панче Тошковски мора веднаш да си поднесе оставка. Не од морални причини, туку затоа што е неспособен да ја гарантира најосновната должност на државата, безбедноста на своите граѓани“.