Македонија
Левицата со низа мерки за заштита на граѓаните од системската корупција

Огромната трагедија во Кочани, која е незапамтена во поновата историја на Македонија, ги обелодени сите пропусти на корумпираниот систем чија цена за жал се плаќа во човечки животи. Изминатиов период политичката партија Левица, како одговорна опозиција, интензивно работи на сет законски решенија, со цел отстранување на законските аномалии кои ја легализирале корупцијата на одговорните политички фактори.
Дополнително, Левица преку своите советници во општините, веќе побара одговори и документација за состојбата со објектите кои се под надлежност на локалната самоуправа – со цел лоцирање и итно отстранување на незаконитостите. Безбедносните стандарди за заштита од непогоди, како во јавните установи (како училиштата и културните домови), така и во приватните објекти, се сериозна аномалија за која Левица и во минатото реагирала. Сепак, поради приватните интереси за профит на поединци, безбедноста на граѓаните е најдолу на листата приоритети – за луѓето во овој систем да бидат колатерална штета.
„Токму поради тоа, во периодот кој претстои, нашите советници детално ќе ја мониторираат состојбата со јавните и приватните објекти, првенствено со фокус на тоа:
Дали училиштата и општинските установи поседуваат соодветна противпожарна опрема и истата редовно се сервисира?;
Дали училиштата и општинските установи поседуваат важечки Елаборат за заштита на пожари и План за евакуација?;
Дали општините ги реализираат програмите за противпожарна заштита (доколку воопшто ги има)?;
Дали во општината има објекти со издадена лиценца за вршење на угостителска дејност и дали овие објекти ги исполнуваат безбедносните протоколи според Законот за градење и Правилникот за урбанистичко планирање и проектирање?; и
Дали општината поседува техничка документација за секој објект во нејзина надлежност (згради, основни училишта и градинки) за брза евакуација при евентуални пожари поплави или земјотреси?
Во состојбата во кое се наоѓа македонското општество, мора неодложно и одговорно да се лоцираат пропустите и слабостите кои директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Левица преку своите советници во периодот што претстои, како и претходно, ќе алармира за констатираните пропусти и незаконитости, со цел нивно итно санирање и закрепнување на ерозираниот систем во кој тоне македонското општество“, посочуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски и Ристовски: Центарот за обука на МВР е клучна алка во системот на безбедност

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, остварија работна посета на Центарот за обука на МВР, каде што е во тек сеопфатна реконструкција на постоечките капацитети. Овој центар е клучна алка во системот на безбедност, каде што се обучуваат и подготвуваат идните полициски службеници и токму затоа вложувањето во неговата инфраструктура е вложување во стабилноста и безбедноста на државата.
„Со министерот разговаравме за можностите за меѓуресорска поддршка, особено во делот на спортската инфраструктура, односно спортските терени, полигонот, игралиштата и базенот. Особено загрижува состојбата со базенот, кој иако бил реновиран претходно, воопшто не е ставен во функција и оставен е да пропаѓа. Заеднички констатиравме дека со релативно мали инвестиции, овој сериозен капацитет може повторно да се стави во функција и да стане дел од системската подготовка на полициските кадри.“, потенцираше министерот Тошковски при посетата.
Министерот Тошковски нагласи дека целта е изградба на модерен, целосно опремен и функционален центар за обука, кој во иднина ќе има и регионално значење и дека преку соработка помеѓу институциите, со јасна визија и одлучност, можеме да изградат услови што ќе одговорат на современите потреби.
Македонија
Демократски сојуз: Одговорност за трагедијата во Кочани, но без политички манифестации

Централниот совет на Демократски сојуз расправаше за актуелните политички состојби во Македонија, посебно од аспект на, како што велат, злоупотребата на страшната трагедија за политички манипулации и обидите за блокада на институциите да не можат да ги извршуваат своите функции сврзани со борбата против тешките облици на криминал и висока корупција.
Демократскиот сојуз ги повикува сите институции, посебно МВР и Јавното обвинителство да иницираат одговорност за сите за кои има елементи за одговорност. Не смее да се дозволи влијание на партиите или селективност во постапувањето.
„Обидите за злоупотреба и политички профит од оваа трагедија ќе ги препознаваат и осудат граѓаните. Протестите се демократско право и начин на изразување на незадоволство и поттик на власта да спроведе системски и коренити реформи и да се зајакне одговорноста на секој носител на функција, но неопходна е и поширока граѓанска одговорност за да се спречат трагедии од ваков вид“, велат од партијата.
Демократскиот сојуз ги повикува членовите и симпатизерите на ДС, како и сите граѓани, да помогнат на семејствата на настраданите во Кочани.
Сега од кога било ни се потребни сплотеност и единство, порачаа.
Македонија
(Видео) Пиротехниката во затворен простор ќе се најде пред пратениците, се менува Законот

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка го менува Законот за јавен ред и мир, со што се става ред за употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Ова го соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Говорејќи пред новинарите, Јаревски рече дека неделава биле посветени на изнаоѓање на решенија кои во иднина нема да дозволат да се случат нови трагедии или хаварии.
„По скратена постапка го менуваме законот за јавен ред и мир, кој ќе создаде нови механизми за воведување ред, заштита и поголема безбедност за секого. Предлог законот го стеснува обрачот околу оние кои создаваат ризици преку злоупотреба и незаконско користење на пиротехнички средства, особено во затворен простор. Се заострува регулацијата за приредување огномет, факелијада и слични приредби на кои се користат експлозивни материи“, рече Јаревски.
Тоа ќе значи и заострување на казните за поединци и фирми кои ќе ги прекршат одредбите од овој закон. Дел од казните се двојно повисоки, а за некои, законот предвидува и притвор.
Преку ова законско решение ќе се прошири и надлежноста на полицијата – механизам преку кој ќе овозможат поголема контрола при користење на експлозиви, како и побрзо и поефикасно спроведување на овој закон.
Тој најави дека во периодот кој следи, во Собранието ќе се поднесат и други предлози кои се подготвуваа изминативе две недели – период во кој Собранието не заседава по трагедијата во Кочани.
Тој ги повикува колегите пратеници, без разлика на политичката припадност, да го поддржат овој предлог-закон, бидејќи станува збор за суштинска промена која не засега сите. Ја охрабрува и пошироката јавност, активно да се вклучи во дискусијата и да даде свои сугестии.
Во пожарот што го предизвика пиротехниката во Кочани, за време на концертот на ДНК, животот го загубија 59 млади луѓе, а околу 200 се здобија со повреди.