Македонија
Левицата: Трошоците за „Бехтел и Енка“ ќе го изедат македонскиот буџет

Агенцијата за рејтинг „Фич“ предупредува на можни негативни последици од скандалозниот проект за Коридорот 8 и 10Д, иако го потврди кредитниот рејтинг кој е далеку од инвестициски. За оваа година, агенцијата проектира забавен раст на БДП до 1,9 отсто и укажува дека проектот на „Бехтел и Енка“ ќе раскрчмува по два отсто од БДП во следните пет години, велат од Левица.
Дополнителните трошоци, поврзани со изградбата на автопатите, според оваа партија, ќе го зголемат буџетскиот дефицит, па затоа „Фич“ препорачува приспособување на трошоците и нови мерки.
„И покрај бурните реакции во јавноста за номинирањето на контроверзниот американско-турски конзорциум „Бехтел и Енка“ како стратешки партнер за имплементација на проектите, власта ги протна законите за целите на овој проект по скратена постапка. Со тоа се овозможуваат низа даночни, царински олеснувања и привилегии, работно време дури и по 60 часа неделно, а се става во опасност од уништување и археолошкото и културното богатство на Македонија. Покрај тоа, треба да се изврши експропријација на повеќе од 50 отсто од земјиштето кое е во приватна сопственост, со што ќе се пролонгираат роковите и ќе се зголеми цената на чинење на проектот“, се наведува во нивното соопштение.
Според Левица, имајќи ја во предвид досегашната реализација на капитални инвестиции, „неспособната власт, која на почетокот најавуваше 500 – 800 милиони евра за изградба на делниците, сега веќе проценува дека се потребни над 1,3 милијарди евра“.
Оценуваат дека буџетот дополнително ќе биде оптоварен ако проектите не се финализираат за 4,5 години, како што се случи и со многу други инфраструктурни проекти, за кои народот плаќа огромни пенали, камати и провизии, поради неспособноста на корумпираната власт.
Левица поднесе и Иницијатива до Уставниот суд, алармирајќи на бројните негативни ефекти од изградбата на Коридорите 8 и 10д. Овој проект, како што велат, исклучиво е во функција на незаконското работење на власта предводена од ДУИ и спротивен е на јавниот интерес на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.