Македонија
Левица: Утре поднесуваме 61 барање за надзор до инспекторат за труд поради партиски вработувања во училиштата

Партијата „Левица“ реагира на партиски вработувања во училиштата, односно за, како што велат, скандалозните јавни огласи за вработување во образованието, кои незаконски траат помалку од
предвиденото.
„ Одамна се зборува за партизацијата на јавните служби, и одамна истата состојба сè подрастично се влошува. Секоја промена на власта донесува нови партиски послушници на работни позиции кои честопати се креирани само за исполнување на партиски долг кон нив, што доведува до ново пустошење на буџетската каса, ново нанесување неправда на граѓаните на Македонија кои не можат да добијат квалитетни и навремени услуги од така изобличениот и оптоварен систем.
Со намера што поквалитетно да ги сервисира потребите на партиските послушници, а без најмалку грижа за реалните потреби на граѓаните, на крајот од јуни 2018 година власта направи измени во ЗРО според кои обезбеди вулгарна нетранспарентност при огласувањето слободни работни места, скратувајќи го рокот за огласување од пет на три работни дена, а со цел да се осигура дека не оние кои се способни, туку тие кои се партиски подобни ќе ги пополнат работните места.
Меѓутоа, изгледа и тоа не им е доволно, бидејќи деновиве сведочиме на огласи за вработување во училишта (над 60 огласи!) во кои не се почитуваат одредбите од чл.23 ст.1 а.6 од ЗРО, каде што се предвидува огласот да трае три работни денови, а не само еден работен ден!? И тоа во исто време кога на министерката на надлежното министерство устата ѝ е полна со приказни за реформи, за кои планира дополнително да ги задолжи граѓаните на Македонија со кредит од 25 милиони долари кај Светска банка, додека во пракса наставата се импровизира, а илјадници деца едноставно се исфрлени од системот за образование.
Од локалниот огранок на Левица – Прилеп, вчера беше објавена скандалозна слика од документ – јавен оглас за вработување (наставник по економска географија), кадешто се гледа дека огласот трае само три дена – и тоа петок, сабота и недела, односно еден работен ден! Трудовиот сектор на Левица го истражи случајот и дојде до информации дека вакви има повеќе десетици случаеви. Поради ова, утре Левица до Државен инспекторат за труд, ќе поднесе 61 Барање за вршење на вонреден инспекциски надзор во врска со кршење на чл. 23 ст.1 а. 6 од Закон за работни односи.
Оттука, со право можеме да прашаме, што е следниот чекор на патот кон Европа? Да почнат ниту да не ги огласуваат слободните работни места надвор од партиските штабови!?“ велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.