Македонија
Левицата: Уште нема осомничени од актуелните функционери за трагедијата во Кочани

После незамисливата трагедија во Кочани, која настана поради непостапувањето на низа институции, јавноста оправдано очекува дека ниту едно лице не смее да биде амнестирано од одговорност. Но, освен градоначалникот Папазов, ниту еден друг функционер од актуелната власт не се јавува како осомничено лице во истрагата, велат од политичката партија Левица.
За партијата е скандалозно што директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски е целосно изземен дури и од, како што велат, морална одговорност, особено после податоците дека повеќе од половина угостителски објекти работеле без или со истечена лиценца.
„Уште на 27 јануари, актуелниот директор на ДПИ најавил “ригорозна контрола” на угостителите, но очигледно оваа контрола ја одминала дивоградбата во Кочани, каде на 16 март се случи тешката трагедија. Иако, во градовите надвор од Скопје се вработени над 100 пазарни инспектори, евидентно е нивното непостапување се до трагедијата. Ваквите факти говорат дека инспекторатите се полнат со партиски вработувања, додека нивната основна законска должност воопшто не ја обавуваат. За длабоката корумпираност на системот, која се надоградува со секоја власт, доволно говори следниов податок: во општина Тетово сите шест објекти работеле без лиценца, иако само се вработени во Тетово 26 пазарни инспектори“, се вели во соопштението.
Левица јавно прашува дали министерот Тошковски ги штити директорите како Влатко Стојкоски, затоа што доаѓаат од неговата партија.
„Не може и не смее да се амнестира одговорноста на актуелните функционери, особено во контекст на ваква незапамтена трагедија. Директорот на ДПИ Влатко Стојкоски најпрво треба да понесе морална одговорност и самиот да си поднесе оставка, а потоа, органите на прогонот низ непристрасна и објективна истрага да утврдат дали има и кривична одговорност кај директорот на Пазарниот инспекторат“, велат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За нова лична карта, возачка дозвола и пасош граѓаните можат да закажат онлајн

Министерството за дигитална трансформација информира дека електронската апликација за закажување термин за издавање лични документи повторно е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk.
-Граѓаните сега можат брзо и лесно, без чекање и без гужви да закажат термин за следните услуги: издавање лична карта, издавање пасош и издавање возачка дозвола. Процедурата е едноставна и достапна од кој било електронски уред, наведува Министерството.
Воедно додава дека со оваа иницијатива продолжува мисијата да ја дигитализира јавната администрација и да обезбеди поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги за сите граѓани.
Македонија
Пожарникарите се бореа со огнови на 38 места во државава, 30 се изгаснати

Во текот на изминатото деноноќие се евидентирани вкупно 38 пожари од кои три активни, пет ставени под контрола и 30 изгаснати.
Според најновиот извештај на Центарот за управување со кризи, активните пожари се во Општина Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума), Општина Велес – с. Џидимирци (мешана шума) и Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево, с. Крапа и с. Локвица (деградирана дабова шума и грмушки).
Под контрола се пожарите во Македонски Брод – с. Слатина (мешана шума), Македонски Брод – с. Слатина, Слатински извори (нискостеблеста мешана шума), Чучер Сандево – с. Блаце – с. Горњани, м.в. Рамна шума (шумски пожар), Долнени 1 – с. Црнилиште (депонија) и Долнени 2 – с. Дебреште (депонија).
Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.