Македонија
Лекарската комора: Стручниот надзор со побавна динамика во пандемија, лекарите се повеќе ангажирани во лекувањето

За да се изврши вонреден надзор, потребно е подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот“, наведуваат од Лекарската комора.
Од почнувањето на пандемијата на Ковид-19 до Лекарската комора поднесени се поголем број барања за вонреден стручен надзор. На овие барања, како што велат, не може да се одговори со очекуваната динамика бидејќи во комисиите што треба да го направат надзорот се ангажираат лекари вработени во здравствените установи, кои беа и се ангажирани со поголем интензитет на работните места поради зголемениот број пациенти.
„За секоја пријава се формира посебна комисија, која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите, кои се нејзини членови, се прави врз основа на тоа за каков случај станува збор. Во комисиите поврзани со случаите со Ковид-19 требаше да се вклучат инфектолози, пулмолози, анестезиолози, кои се дефицитарни специјалности и кога станува збор за лекување на пациентите, за лекарите тоа е приоритет во однос на ангажманот во стручниот надзор. Исто така, треба да се разграничи и дека стручниот надзор не е судско вештачење, односно тој не прави реконструкција на настаните, туку ја констатира состојбата врз основа на расположлива документација и земени изјави од доктори и други здравствени работници, кои активно биле вклучени во лекувањето и третманот на пациентот и дава стручно мислење.
Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, доставена е писмена информација до Министерството за здравство, со кое сме во комуникација, со цел изнаоѓање решение, кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна. Лекарската комора е одговорен партнер на Министерството за здравство во креирање подобри решенија за надминување на проблемите, со цел создавање подобри услови за лекување на пациентите и работата на лекарите. Во таа насока, активно работиме на подобрување на постојниот механизам и правно доуредување на процедурата за формирање на комисиите, а со цел постапката да се одвива поефикасно. Лекарската комора има целосен капацитет да го организира преостанатиот дел од процесот“, се додава во соопштението.
Во согласност со Законот за здравствената заштита, Лекарската комора исто така има овластување за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценца за работа на докторите по медицина. Кога е во прашање стручноста на лекарот, законот предвидува привремено и трајно одземање на лиценцата, кое во двата случаја се прави ако постои соодветна судска пресуда со која се докажува дека докторот сторил кривично дело поврзано со здравствената дејност или сторил стручен пропуст или грешка при работата, со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.
„Одземањето на лиценца за работа е сериозен чин поради што и законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење судска пресуда, со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело. Одземањето лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци, без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би било сериозна атака на професијата и можност за злоупотреби. Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда.
Истакнуваме и дека системските проблеми, кои постојат во здравствениот систем, од каде што најчесто произлегуваат причините за незадоволството на пациентите и пропустите во лекувањето, нема да дозволиме по правило да се препишуваат на стручноста на лекари и на раководството на Комората бидејќи тоа е тенденциозно, неоправдано и што е најважно – не носи решение за надминување на состојбите и спречување на можностите проблемите да се повторуваат. Тие предизвици треба да се решаваат со транспарентен и отворен пристап од страна на креаторите на здравствените политики, со вклученост на сите засегнати страни, во што лекарите како практичари во целиот процес може да дадат голем придонес бидејќи сите имаме заедничка цел – создавање подобар здравствен систем како за пациентите така и за здравствените работници“, велат од Лекарската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.