Македонија
„Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно, како што ти знаеше да прегрнеш!“: сопругата се прости од музичарот Филип Стевановски
Во пожарот во Кочани загина музичарот Филип Стевановски од Куманово, член на бендот ДНК.
Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез-науки, а беше вработен како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Филип Стевановски неодамна беше назначен и за директор на Центарот за култура во Штип.
Неговата сопруга Ирена Стевановска се огласи на социјалните мрежи и се прости од него со емотивни зборови.
„Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет. Свети и сега како најсилна ѕвезда, која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека нѐ чуваш од небото!
Лора беше твоето сѐ, музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш сѐ што имаше замислено.
Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше сѐ за сите да бидеме среќни и насмеани.
Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој.
Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но сѐ што сме сакале Лора да успее – ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш зад облаците!
Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно, како што ти знаеше да прегрнеш!“, напиша таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

