Македонија
Лефков до Ковачевски: Дали според Вас не треба веднаш да се отвори истрага за надзорот од 22 милиони евра

Денеска, имаме повторно слика што ни се повторува во држава во која што имаме сè, само нема правда. Затоа што во текот на вчерашниот ден побаравме од јавниот обвинител да биде овде за да можеме да му поставиме прашање иако претседателот на Собранието нè извести дека е поканет, сè уште нема одговор и ги нема овде во салата. Прашањето е дали воопшто јавниот обвинител смее да се појави, дали воопшто јавниот обвинител смее да дава одговори на прашањата што сакаме да му ги поставиме и тие прашања се практично прашања од македонската јавност, меѓутоа, еве, ќе се снајдеме, ќе функционираме со она што располагаме. Прашањата што требаше да бидат поставени до јавниот обвинител ќе ги поставам до вицепремиерката за добри практики, Славица Грковска, и второто прашање ќе биде упатено директно до премиерот Ковачевски“, истакна Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница на пратенички прашања.
„Првото прашање, да бидеме директни и да не го губиме времето, ќе почнеме со еден документ што е преземен од отворени финансии. Од овој документ може да се види дека од Владата на Република Македонија, поточно директно од Министерството со кое раководи Артан Груби, оној што се потпишува како прв вицепремиер, префрлани се парични средства директно на брат му Ветон Груби, односно за какви политики на добро владеење ќе разговараме во Македонија, за каква борба против корупцијата, кога видовме дека јавниот обвинител не смее ни да се појави овде за да му ги поставиме овие прашања. А од јавни финансии, од изводите од јавните финансии, јасно се гледа текот на средствата, како од Владата завршуваат во фирмата ‘ЕТЦ травел’, сопственост на братот на Артан Груби или првиот вицепремиер“, рече Лефков.
Лефков ја запраша Грковска дали ги оправдува ваквите однесувања. И дали смета со ова се исполнети критериумите на членот 5 од Етичкиот кодекс за однесување членови на Владата. Дали во согласност со член 72 став 1 била известена за ваков судир на интереси.
„Второто прашање беше директно до јавниот обвинител затоа што сметам дека многу е сериозна корупцијата во тендерите за надзор за изградба на коридорите 8 и 10 д. Меѓутоа, за жал, целата македонска јавност виде дека над 22 милиона евра се сериозно, сериозно компромитирани од врските што се појавуваат помеѓу премиерот на Владата, господинот Димитар Ковачевски, и првиот вицепремиер Артан Груби. Кога го нема јавниот обвинител, ајде Вие директно, премиере, да ми ги одговорите овие прашања дали сметате дека треба веднаш да се отвори истрага за надзорот вреден 22 милиона евра затоа што условите под кои се тендерирани се менувани среде постапка и за фирма загубар за да може да го добие тендерот. Сомнежи за местење тендер се изнесувани преку разни медиуми, а гледаме дека државата и оние што треба да се борат против корупција, претежно мислев на Јавното обвинителство, молчат. И токму поради тоа имаме ниска доверба во Обвинителството“, нагласи пратеникот.
Лефков го запраша Ковачевски да објасни како недостигаат документи за ангажман на 23 експерти. Навеле дека „Електра солушн“ има 32 вработени, а според годишната пресметка, што се пријавува во Централниот регистар, се двајца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.