Македонија
ЛИДЕМ бара итно донесување на законот за млади, спротивно ќе бара одговорност

Либерално-демократската младина денеска ја одржа својата четиринаесета изборна Конференција во хотел Hilton Double Tree, каде за нов претседател беше избран Димитар Ванчов. На конференцијата присуствуваа 200 млади членови на ЛИДЕМ.
„Либерално демократската младина изминатиов период, даде сериозен придонес во процесите кои значеа враќање, градење и унапредување на вредностите кои се предуслов за напредна и демократска Македонија. Денеска, бараме итно донесување на Законот за млади во кој учествуваме во создавање на истиот. Спротивно ќе бараме одговорност од Агенција за млади и спорт. Затоа, ЛИДЕМ како авангардна младина сме постојан инспиратор на една револуција која ќе овозможи градење на систем на праведност, почитување на човековите права, еднаквостa. Принципи со кои државата треба да го трасисра патот кон Европа“, рече досегашната претседателка на ЛИДЕМ, Моника Зајкова.
Таа побара од новото раководство натамошна постојана и неуморна заложба за исполнување на целите на младите, кои се предуслов за здраво и напредно општество. Квалитетно образование, висок студентски стандард, унапредување на демократските стандарди, не – дискриминација, почитување и промоција на родовата еднаквост, слобода на движење, отвореност за идеите и концептите на младите.
„Ова се само дел од заложбите кои ги поставивме, за кои започнавме да се бориме, а коишто верувам дека со истрајност, креативност, како и со натамошна работа една по една ќе успеат да станат и реалност во периодот кој следи. Тука ќе го напоменам и законот за субвенциониран студентски оброк кој ЛИДЕМ го подготви, а кој оваа недела ќе влезе во собраниска процедура и верувам дека ќе наиде на широка политичка поддршка“, рече новиот претседател Ванчов. Според Ванчов, Либерализмот е онаа движечка сила што ги определува новите правци на Европа. Македонија треба да го следи тој чекор и да ги прифати принципите што ги нуди оваа идеја.
„ЛИДЕМ секогаш била гордост на Либерално-демократската партија, како и на секој кој бил дел од него. Бидете обединети. Бидејќи обединети секогаш сме посилни. Сите заедно да градиме политики за подобар стандард на младите, подобар животен стандард на сите граѓани, за европска држава која ќе се движи либерално кон Европа“, порача Ванчов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.