Македонија
Лимани: Владата останува посветена на елиминирање на сите форми на насилство врз жените
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани воедно и претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, денеска ја отвори конститутивната седница на ова тело.
Тој се заблагодари на присуството на присутните, нагласувајќи го значењето на ова тело чии заложби се насочени кон унапредување на заштитата на жените жртви на насилство и семејното насилство.
Лимани се осврна на досегашните преземени акции на државата со цел подобра подготвеност за превенција, заштита и спречување на насилството врз жените и семејното насилство. Од ратификацијата на Истанбулската конвенција, потоа подготовката на Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023, 2024 год, евалуација на истиот. Потоа, носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, каде се нагласува улогата на Националното координативно тело со конкретни надлежности, подготвување на осумгодишна Национална стратегија, со четири годишни акциски планови и годишни планови.
„Во изминатиот период како Министерство, преземаме низа мерки и активности за подобрување на системот за превенција и заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство преку унапредување на националната легислатива, подзаконски акти, документи, јакнење на капацитетите на стручните лица преку реализирање на обуки, проширување на мрежата на специјализирани услуги за жртвите и организирање на кампањи. Ве уверувам дека Владата на Република Северна Македонија, ги потврдува своите заложби за преземање на сите неопходни мерки за елиминирање на сите форми на насилство,“ рече Лимани.
На седницата беа подетално претставени сите документи и активности кои се донесени и реализирани, како и соработката со меѓународните и граѓанските чинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Магијата на учењето: кога оценката станува поттик, а не цел
„Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“ беше темата на денешната панел-дискусија што се одржа во Куманово, во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука. Панелистите зборуваа за важноста оценките да не се доживуваат како крајна и единствена цел, туку како алатка што го следи и охрабрува напредокот на учениците.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска истакна дека новото време бара нови начини на учење и оценување, кои го поттикнуваат вистинското знаење, креативноста и личниот развој на секое дете.
„Образованието мора да се движи напред со духот на времето. Наместо да се фокусираме само на бројките во дневникот, треба да се фокусираме на тоа што ученикот навистина научил, што разбрал и како го применува тоа знаење. Нашата цел е надградба и зајакнување на системот кој го вреднува трудот, напредокот и љубопитноста, затоа што тие се темелот на квалитетното образование и на иднината на нашето општество“, изјави Ивановска.
Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, нагласи дека наставниците се клучниот двигател на секоја позитивна промена во училиштата и додаде дека ваквите дискусии ја поттикнуваат размената на мислења и искуства кои можат да помогнат наставниците подобро да го препознаат потенцијалот на секое дете.
На панел-дискусијата учествуваше и директорот на СОУ „Сами Фрашери“ – Куманово, Нагри Реџепи, кој нагласи дека во училиштата не треба фокусот да биде само на високите оценки, туку на индивидуалниот напредок на секој ученик. Според одделенската наставничка Хилда Димитриевска од ООУ „Крсте Мисирков“, поддршката и охрабрувањето се подеднакво важни како и самата оценка, а наставничката Даниела Стојановска од ООУ „Христијан Карпош“ се осврна на потребата училиштето да создава средина во која учениците слободно размислуваат, поставуваат прашања и развиваат критичко мислење, бидејќи токму тоа води кон вистинско и трајно знаење.
Иван Нацевски, родител на ученик, истакна дека родителите имаат значајна улога во тоа како децата го доживуваат процесот на оценување и нагласи дека кога се гради доверба и поддршка, оценката станува поттик за подобри резултати, а не причина за притисок.
Настанот е дел од серијата панел-дискусии што се организираат во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, чија цел е да ја истакне улогата на наставниците во современото образование и нивниот придонес во развојот на учениците и заедницата.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во предметот Физичко образование да вклучиме и планинарење
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.
За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот.
„Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно. Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.
Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.
На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.
Македонија
(Видео) Младеновска: Недозволив молк за најстрашниот скандал со операциите, дали власта се обидува да го заташка?
„Поминуваат денови од откривањето на еден од најстрашните скандали во македонското здравство со непотребни операции на срце направени во приватни клиники. Наместо експресна реакција, наместо објавување на сите информации, наместо одговорност власта со денови молчи“, кажа денеска на прес-конференција Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Сè уште нема изнесено целосни информации пред граѓаните, не е објавен извештајот, инволвираните, кои се лекарите, кои се приватните клиники. Се крие од јавноста кој од докторите дал индикации за операциите. И сè уште нема поднесено ниту една кривична пријава. Не може злоупотреба на здравствената професија за профит на поединци вака да се третира. Што се чека? Како некој да се обидува да го заташка овој монструозен случај. Дали некому му се дава време да ги сокрие трагите, да „исчисти“ документи?“, рече Младеновска.
Таа посочи дека „вакво однесување е неспоиво со одговорна, транспарентна и сериозна држава“.
„Емоцијата на скандалот е поголема од бројките затоа што станува збор за човечки животи. Зборуваме за луѓе кои преживеале пекол а сега дознаваат дека нивната операција била непотребна. Дека некој ги гледал како профит, како средство за нечие богатење. Не може вакви скандали да се заташкаат.СДСМ ќе се бори за објавување на целата вистина и за одговорност“, истакна Младеновска.
Упати неколку барања:
„1.Итно јавно објавување на извештајот, во фазата во која се наоѓа, без доработки и без прикривање.
2.Објавување на сите имиња на доктори кои дале индикација за операциите. Ова е клучно за понатамошната разврска на случајот.
3.Објавување на имињата на сите приватни клиники и субјекти вклучени во процесот и носењето одлуки
4.Веднаш поднесување кривични пријави без никакво одложување.
5.Психолошка и правна поддршка за пациентите и за семејствата кои поминале низ овој кошмар“.
„Ова е тежок скандал кој мора да биде третиран со максимална транспарентност и максимална одговорност. Јавноста ја заслужува целата вистина. Секој што учествувал во овој монструозен синџир мора да одговара“, заклучи Младеновска.

