Македонија
Лимани: Заложбите за поголема интеграција на Ромите во општеството да ги преточиме во дела

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани присуствуваше на презентацијата на Извештајот за состојбата со напредокот во инклузијата на Ромите во Република Северна Македонија.
На настанот кој беше во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, покрај министерот Лимани се обратија и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал и министерот без ресор задолжен за инклузија на Ромите, Шабан Салиу.
Во своето обраќање пред присутните министерот Лимани, истакна дека, почитувањето на човековите права и слободи е темел на демократијата, а во таа насока најголема одговорност за нивното почитување ја имаат оние кои носат одлуки, кои го создаваат јавното мислење, но и невладиниот сектор како партнер кој е мост меѓу граѓаните и институциите.
„Република Северна Македонија во регионот, па и пошироко стана пример за земја со традиционално меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и земја во која се почитуваат разликите. Тоа го постигнавме преку политики кои обезбедуваат еднаков степен на вклученост и интеграција на сите етнички заедници,“ посочи Лимани.
Тој истакна дека Ромите играат важна улога во изградбата на инклузивна Европа, како и дека Европската платформа за вклучување на Ромите, започната во 2008 година, има за цел да поттикне соработка и размена на искуства за успешно вклучување на Ромите во политики и практики помеѓу земјите членки на ЕУ, меѓународните организации и ромските претставници на граѓанското општество.
„Големо влијание и удел во постигнувањето на интеграцијата на Ромите има и Европската платформа против сиромаштијата и социјалната исклученост – Стратегијата наречена Европа 2020. Во неа е зацртано извлекувањето на најмалку 20 милиони луѓе од сиромаштија и социјална исклученост во следната декада,“ рече Лимани.
Тој се осврна на тоа дека како држава имаме усвоено две национални стратегии за Роми, 2005-2015 и 2016-2020, како и дека во 2022 година е започната новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022–2030, која е дел од стратегиите за вклучување на сите етнички заедници.
„Активно работиме на создавање програми за вработување, здравство, образование, домување и обезбедување на лични документи за ромската заедница,“ порача Лимани.
Дел од заклучоците од презентацијата на Извештајот се дека голем најголем напредок е направен во однос на образованието, како и во обезбедувањето на трајно решение на граѓанскиот статус на Ромите што не се евидентирани во матичните книги во државата, преку носење на законски решенија. Додека пак треба сеуште да се работи на подобрување на состојбата за отстранување на стереотипите и предрасудите кон Ромите во сите сегменти на општествено – економско живеење во Северна Македонија. Како најгорллив предизвик е посочено обезбедувањето на здравствената заштита и осигурување на Ромите, ниско ниво на застапеност на Ромите во јавниот сервис и развојот на културата на истите и несразмерно учество на Ромите во општествено -политичкиот живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.