Македонија
Локалот во кој имаше турканици на настапот на Владо Георгиев е затворен поради пречекорување на работното време
Инспекторите го затвориле скопскиот локал „Мош“ каде вчеравечер на забавата со Владо Георгиев, имаше гужви и турканици меѓу посетители. Но, локалот не е затворен поради непочитување на протоколите, туку затоа што претходната недела, работел и по работното време, односно по 1 часот на полноќ.
Запечатувањето на локалот е направено денеска бидејќи инспекторката која го изготвила решението е во самоизолација поради контакт со нејзина колешка, позитивна на коронавирусот. Инспекторите ќе бараат поголеми ингеренции, најавува Стојко Пауновски, директор на Пазарниот инспекторат.
„Во законот нема превидено затворање доколку не се почитуваат протоколите. Дозволено е само кривична пријава до судот. Затворање е само за прекувремено работно време, односно по 12 во работни денови или по 1 во петок и сабота. Тогаш можеме да ги затвориме од 10 до 15 дена. Тука најголем дел пазат. Но, не пазат во гужвите“, вели директорот на Пазарната инспекција, Стојко Пауновски за „А1он“.
Кривични пријави вчера се поднесени против два угостителски објекти во Струга, каде исто така не е почитувале протоколите за заштита од коронавирусот. Пауновски вели дека инспекторите затекнале маса на луѓе кои биле станати, играле и имало гужва без дистанца.
„Го опоменале газдата, а тој рекол ‘Не можам јас да ги смирам, смирете ги вие’. Ние не смируваме гости, ниту имаме право да се расправаме со нив. Инспекторите веднаш пишале кривична пријава на двете места“, додава Пауновски.
Инаку, досега судот има донесено 25 пресуди за 23 правни субјекти. Дел од казните кои се изречени се веќе наплатени. Меѓу фирмите е и струмичкиот клуб „Аватар“, кој доби парични казни, од кои, едната веќе ја платил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

