Македонија
Лукаревска од Кочани: Сакале некои или не, СДСМ ќе биде запишан во историјата како организирана политичка сила која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат
“На 8 мај само вие, со моќта на вашиот глас одлучувате во каква држава ќе живееме сите, ве повикувам на масовен одзив на двојните избори, на активно учество во креирањето на сопствената иднина бидејќи во демократијата најчесто гласовите на оние кои не излегуваат на гласање го одредуваат победникот. На дофат ни е членството во Европската унија, не дозволувајте да не тргнат од тој пат, алтернативата на тој пат е погубна за Македонија. И сакале некои или не, СДСМ ќе биде запишан во историјата како организирана политичка сила која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат и да не забораваме дека секогаш најтешките битки ги водел СДСМ, од осамостојувањето до денес, рече вечерва во Кочани Сања Лукаревска, носителка на листа на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во третата изборна единица.
СДСМ е одговорна, граѓанска, државотворна партија. Секогаш сме тука и за државата и за граѓаните и во добро и во лошо, тоа е патриотизам, како што е патриотизам да ја преземете одговорноста за тешките одлуки во тешки времиња, рече Лукаревска.
“ Немам намера да ги покривам или минимизирам нашите пропусти, не ги сокриваме под тепих и не ги подметнуваме на друг и никогаш не сме дозволиле државата да биде на коленици, никогаш. И во оваа изборна програма наш приоритет над приоритетите е стабилна, безбедна, сигурна и просперитетна Македонија чии граѓани ќе имаат предвидлива, спокојна иднина. Следете нè, не се откажуваме, тргнавме по патот на трпението, пат без насилство, со разум, со работа и дијалог до богата држава со задоволни граѓани и затоа на 8 мај, заедно, за број 1 и во Кочани и во третата изборна единица и во целата држава”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

