Македонија
Лукровски и советот на Општина Карпош го изгласаа општинскиот буџет и програмите за работа за 2026 година
Советот на Општина Карпош заседаваше по шести пат, при што советниците расправаа и полноважно одлучуваа по околу триесетина точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Првенствено, мнозинска поддршка доби Предлог – Решението со кое беа именувани претседател и членови на Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2026 година. Советот ја изгласа и Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Општинска изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на општина Карпош, за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година.
Со истата динамика беа поддржани и 17 годишни Програми за работата на Секторите и Одделенијата од Општина Карпош за 2026 година. По детално разгледување на компонентите од кои е составен, беше изгласан и Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, според образложението, Министерството за финансии ја извести локалната самоуправа дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 608.436.000 денари. Притоа, средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2026 година изнесуваат 28.978.000 денари, а средствата доделени од Владата на РСМ изнесуваат 615.020.279 денари. Планираниот пренесен вишок на приходи од претходната година изнесува 80.000.000 денари, така што висината на вкупниот износ на основниот Буџет на општина Карпош ќе изнесува 1.332.434.279 денари.
Земајќи го сето ова во предвид, Консолидираниот Буџет на Општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 2.159.676.279 денари и истиот ги содржи планираните извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите за 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, во наредните денови стабилно и студено со ниски утрински температури
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарјето засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во првите денови од следната седмица наместа ќе се спуштат до -10 степени. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).
Македонија
Бадниковата манифестација на 6 јануари: централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“
На денешната прес-конференција, одржана од страна на Здружението „Бадникови поворки“ пред Божикната пештера на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, беа објавени главните активности што ќе ја одбележат овогодишната Божикна манифестација, по која Македонија стана препознатлива и надвор од своите граници.
На почетокот на прес-конференцијата, координаторите на Здружението го изразија своето задоволство што, во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму Бадниковите поворки сведочат за спротивното. Податоците покажуваат дека интересот и учеството континуирано растат, а годинава повторно се најавува рекорден одѕив.
Според информациите кои пристигнуваат од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави, годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост. Со тоа, Бадниковите поворки уште еднаш го потврдуваат својот карактер како манифестација што преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите.
Посебно беше истакнато дека денес веќе не е потребно дополнително да се поттикнуваат општините за организирање работилници, изработка на божикни ѕвезди, проби или хуманитарни активности – тие активности веќе станаа природен дел од празничното живеење.
Во таа насока, беше изразена благодарност до Министерството за култура, Град Скопје и сите општини кои континуирано ја поддржуваат манифестацијата и придонесуваат таа да стане препознатлива не само во земјата, туку и во регионот.
Оваа година, посебен акцент се става на збогатување на програмата, уште посилно приближување до децата и младите, како и создавање простор за најранливите категории граѓани. Во рамките на активностите, веќе се реализираат посети на домови за стари лица, каде што се организираат читања на божикни приказни, пеење божикни песни како и низа хуманитарни акции.
Планирани се и флеш-моб активности, предводени од Дарио Стојановски и млади музичари, кои ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кога динамиката и бремето на животот често ја потиснува празничната атмосфера.
На прес-конференцијата беше претставено и иновативното решение на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, кој повеќе години работи на развој на трајна божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда.
Дополнително, претставен беше и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, кој семејствата ќе го понесат како симболичен подарок од овогодинешните Бадникови поворки.
Круна на целокупната програма ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворката што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божикната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божикната авантура – голема музичко-сценска изведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи.
По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна.
Здружението „Бадникови поворки“ ги повика сите заинтересирани граѓани и медиуми редовно да ги следат информациите што секојдневно ќе бидат споделувани на официјалните профили на Здружението на социјалните мрежи и веб-страницата www.badnikovipovorki.mk
Македонија
По случајот со починатото новороденче на ГАК, Комисијата за стручен надзор констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол
Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол, соопшти Министерството за здравство.
По извршениот надзор за случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија, Комисијата за стручен надзор има донесено заклучоци, соопштија од таму.
„Врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, Комисијата за стручен надзор заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.
Поради тежината на состојбата и посочените ризици новороденчето е поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето и поради конатална инфекција веднаш е поставено на антибиотска терапија.
Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба .
Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол“.

