Македонија
Маглата направи проблеми во авионскиот сообраќај, се откажуваат и пренасочуваат летови
Скопскиот аеродром се соочи со значителни проблеми во авионскиот сообраќај во последните 24 часа, а причина за тоа е густа магла која предизвика пренасочување на 10 летови и откажување на 4. Летовите беа пренасочени на соседни аеродроми во Приштина и Софија, додека некои се вратија на почетните дестинации.
Пренасочени летови:
Анталија (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Меминген (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Варшава (25.01.2025) – Вратен назад во Варшава
Баден Баден (25.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Париз (25.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Цирих (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Рим (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Малме (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Берлин (26.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Нирнберг (26.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Откажани летови:
Истанбул (25.01.2025) – Откажан
Загреб (25.01.2025) – Откажан
Венеција (26.01.2025) – Откажан
Истанбул (26.01.2025) – Откажан
Препораки за патниците: Патниците се советуваат да ги следат официјалните канали на Скопскиот аеродром и да останат во контакт со авиокомпаниите за најновите информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.

