Македонија
Македонија првпат доби жена претседател – која е Гордана Силјановска-Давкова и за што се залага
Првпат во Македонија во претседателската фотелја седнува жена откога Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го победи досегашниот претседател Стево Пендаровски на изборите со разлика од повеќе од 300.000 гласа.
Според последните податоци објавени на веб-страницата на ДИК, Силјановска освоила 560.170 гласа (65,41 отсто) наспроти Пендаровски со 251.541 (29,25 отсто).
Таа синоќа за време на победничкото обраќање до јавноста рече дека од овој момент ќе се однесува како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние што не се во партиите и вети дека нема да заборави на разноликоста. Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива. Рече и дека нема поголема инспирација од тоа жена да стане претседател и ќе ги штити државните и националните интереси.
Која е Силјановска-Давкова
Во кампањата Силјановска велеше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име. Воедно, таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но ако Собранието донесе таква одлука, ќе ја почитува бидејќи Собранието е уставотворен орган. Порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а преспанскиот договор за неа е политички и правно отворено прашање.
„Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските Европејци имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ – НАТО, НАТО – ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите, само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ“, велеше Давкова.
Честопати говореше за жените поентирајќи дека и политиката е од женски род, а со претседателка македонските жени ќе станат поуспешни.
Кампањата ја водеше со слоганот „Македонија повторно горда“, кој, како што рече, е поради хроничната и актутна состојба со македонската демократија, која не само што е во тешка криза туку зборува и за една слаба држава. Во таквата држава најголеми жртви се граѓаните и кога вели „Македонија повторно гордаа“, пред сè, мисли на граѓаните – повторно горди, говореше Давкова.
Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Таа е македонски универзитетски професор, правник и собраниски пратеник во претходните четири години.
Во нејзината биографија стои дека основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со Cum laude на Правниот факултет во Љубљана, на тема Local Selfgovernment – between Norms and Reality во 1994.
Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990 – 1992) и министер во владата на РМ (1992 – 1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венециската комисија. Автор е на стотина научни труда за уставното право и политичкиот систем.
И на претседателските избори во 2019 година таа беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но ги изгуби од Стево Пендаровски.
На парламентарните избори во 2020 година Силјановска е носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Изборната единица 1. Од август 2020 година таа е пратеник во македонското Собрание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се запали куќа во Битола, на терен се пожарникари
Денеска избил пожар во куќа во Битола, а на терен веднаш излегле пожарникарите од ТППЕ Битола.
„Примена дојава во 11:55ч. за запалена куќа на ул.Љубојно. ТППЕ Битола интервенираше со 1 возило и 5 пожарникари. Брзата и навремена интервенција спречи пожарот да го зафати целиот објект и соседните куќи“, велат од ТППЕ Битола.
Македонија
Мицкоски ги повика граѓанските организации да учествуваат во градењето на поквалитетен национален образовен систем
Премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во соработка со ИРИ, како дел од проектот за дијалог со граѓанските организации оддржа средба со повеќе невладини организации.
„Образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети. Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја.“
Ова е пораката која премиерот Христијан Мицкоски ја испрати до младинските организации кои беа дел од денешниот настан во рамки на дијалогот помеѓу Владата и граѓанскиот сектор на тема образование и младинско учество, што го организираше Меѓународниот републикански институт.
„Жал ми е што морам да констатирам дека образованието во минатото ни е значително опаднато. Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата работи транспарентно и создава услови за услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Повика да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рече, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.
За време на дебатата, дел од младинските организации изнесоа свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекоа, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал.
Беа повикани и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.
Обраќања имаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход.
Македонија
Фетаи повикува на создавање заеднички фронт против криминалот
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска повика на создавање заеднички фронт против организираниот криминал и корупцијата. Зборувајќи на Стратешката работилница на меѓупартиска параламентарна група против корупција, организирана од НДИ во Скопје, Фетаи го повика Парламентот, граѓанското општество и меѓународните партнери да работат заедно со Владата за поуспешно справување со криминалот.
Тој рече дека реформската агенда, усвоена од Европската унија, е водилка во активностите на владата во борбата против криминалот и корупцијата. Во тој контекст, го спомна изготвувањето на Регистарот за евиденција на државниот имот и новата Стратегијаза јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028
Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028, кои треба да спречат злоупотреба на државниот имот и ефикасна конфискација на незаконски стекнат имот.
Зборувајќи за подобрувањето на транспарентоста на институциите, Фетаи најави брзи резултати во спроведување на Акцискиот план за транспаретност, изработка на веб страни за јавните институции и обука за персоналот за одржување на страниците. Според него, и измените на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер одат во правец на зголемување на транспаретноста и отчетноста на институциите.
Фетаи истакна дека Владата е расположена активно дс го вклучи граѓанскиот сектор во процесот на донесување на одлуки. Како илустративен пример, го спомна именувањето на член од невладиниот сектор со право на глас во Меѓуресорското тело за координација на антикорциските активности.