Македонија
Македонија и Бугарија потпишаа програми за соработка во културата и спортот
Во Софија, денеска, се одржа третиот состанок на четвртата работна група за билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија, која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.
Во изјавата за медиумите по завршувањето на состанокот, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна дека средбата, која е во насока на забрзување на процесот на унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји, поминала во пријателска и конструктивна атмосфера, со размена на мислења, ставови и идеи за подобрување на соработката во сите сегменти.
„Покрај нашата работа, која го опфаќа формалниот дел на односите, во практика сме сведоци дека културата и уметноста, па и туризмот и спортот, немаат граници, исто како што нема граница за младите таленти од секоја област во науката“, истакна министерката Костадиновска Стојчевска.
Сведоци сме на голем број индивидуални успеси на гостувачки проекти во двете земји, додаде таа, и посочи дека работата врз формалните документи, меморандуми и програми за соработка во голем дел ќе ги олесни и актуализира можностите за заедничка побрза комуникација на билатерален план, а и пред европските фондови.
Министерот за образование и наука на Бугарија, академик Николај Денков, пак, истакна дека средбите се одвивале во духот на пријателството и изрази задоволство од напредокот во одосите меѓу двете држави.
„Покрај формалниот дел, одржавме и неформални средби. Во сите области имаме суштински напредок и конкретни проекти, а на средбата ни се придружија и од ‘Еразмус’. Уверен сум дека со нашата работа ќе ги забрзаме процесите за унапредување на добрососедските односи помеѓу нашите две земји“, рече министерот Денков.
Министерите за култура на Северна Македонија и на Бугарија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Атанас Атанасов, во Софија потпишаа и програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година. Програмата содржи повеќе новости, меѓу кои е и можноста за поврзување на културно-информативните центри на двете земји преку заеднички проекти, отпочнување на програмата на мали грантови за промоција на млади уметници, а активно се работи и на календарот на настани и на активниот оперативен план.
На состанокот во Софија, на кој учествуваа и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски, беа потпишани и програмата меѓу владите за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година; меморандум за соработка во областа на младите и спортот, како и меморандум меѓу националните агенции „Еразмус +“ и Европскиот корпус за солидарност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

