Македонија
Македонија и Косово договорија формирање регионална работна група за Ковид-19
Mинистерот за здравство, Венко Филипче, и заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, остварија средба со mинистерот за здравство на Косово, Арменд Земај, и неговиот тим.
На средбата се разговараше за актуелната состојба со Ковид-19, но и во однос на други аспекти и можна соработка во сферата на здравството помеѓу двете земји.
„Договоривме неколку конкретни работи. Пред сé регионална работна група која тековно ќе ги следи состојбите на теренот и ќе ги носи потребните одлуки. Веќе се познати членовите на работната група од нашите две земји, а сега ги чекаме и членовите од останатите земји од регионот, согласно нашиот договор од првиот регионален состанок од пред десетина дена. Оваа работна група ќе обезбедува континуирана размена на информации за епидемиолошката ситуација во земјите. Тоа ќе ни помогне да имаме подобро согледување на епидемијата во секоја од земјите и врз основа на тоа носење заеднички одлуки, нешто што сите нас нé засега. Пред сé тука мислам на режимот на поминување на границите“, изјави Филипче по средбата и додаде дека одлуката за режимот ќе се донесе во текот на следната недела.
На средбата се разговараше и за размена на искуства и во посебни области од медицината, а се договори и соработка на ниво на медицинскиот факултет, во смисла на тренинг, дополнителна специјализација и супспецијализација.
„Разговаравме и за можноста да аплицираме заеднички на европски проекти пред сé во сферата на тренинг и стекнување искуство на здравствените работници, доктори од одредени специјалности“, информираше Филипче.
Земај по средбата изјави дека целта на денешната посета е унапредување на односите меѓу двете земји во областа на здравството.
„Денес успеавме да конкретизираме некои прашања. Се договоривме да продолжиме да работиме заедно во работни групи и да ја продолжиме соработката во интерес на двете земји. Оваа подготвеност покажува дека и натаму можеме да работиме заедно во одржување на здравјето на населението. Денес разговаравме и за другите епидемиолошки предизвици што нè очекуваат во иднина, како на пример укинување на ПЦР-тестовите“, изјави Земај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
АМСМ: Тековен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, информира АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Дел од корисниците од Гази Баба без струја
Дел од корисниците од Гази Баба денеска ќе останат без струја.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 28.11.2025 година ( Петок ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08:30 до 14:30 часот, корисниците на ул.2 во Раштак ( општина Гази Баба )“, информира РЦУК.

