Македонија
(Видео) Македонија може по вторпат да ја пропушти шансата за ченство во ЕУ, предупредува Османи кој даде три причини за спорото интегрирање
Постои страв дека Македонија повторно може да ја пропушти шансата за членство во Европската Унија. Министерот за надворешни работи посочи дека една шанса е пропуштена пред 20 години, а сега може пак да се случи истата грешка. Истакна и дека мора да се има побрз пристап до фондовите на ЕУ, бидејќи во спротивно, стандардот ќе го стигнеме за 200 години.
„Една е дилемите во ЕУ по однос на процесот, второ е билатеризацијата на процесот од страна на одредени земји членки и трето е несоодветната динамика на реформи во самите земји, односно во нас. С. Македонија беше прва со Хрватска и Словенија која започна, ја пропуштивме можноста – Словенија и Хрватска влегоа. И потоа почна балканизација на процесот на проширување на ЕУ – ние станавме жртва на тој процес“, кажа Османи.
Потсети на случувањата пред 20 години.
„Тоа што ни се случи пред 20 години во групата со Хрватска и Словенија, може сега пак да ни се случи во групата Албанија, Црна Гора и Србија. Дали ќе учиме од таа лекција или ќе ја повториме грешката, ќе видиме за неколку месеци. Процесот продолжува. Придобивки од процесот имаше, како и слабости кои сега ги адресираме“, додаде Османи.
Се осврна и на планот кој го има Македонија со регионот.
„Ако они добиваат по 5.000 евра, ние добиваме по 150 евра по глава на жител. Ние стануваме дивергентни, не се приближуваме кон стандардот. Проценките покажуваат дека со стапка на развој од 1,7 за 200 години ќе ги стигнеме земјите членки на ЕУ, со три проценти за 50 години.. За овие аспекти мора да разговараме со ЕУ, пристапот до фондовите и заедничкиот пазар на ЕУ. И затоа Министерството започна процес за поголема интеграција пред членство“, додаде Османи.
Извонредна можност е војната Украина, за да испрати порака дека членството во ЕУ е безбедносно прашање, истакна министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

