Македонија
Македонија 51. на листата на земји според Глобалниот индекс за мир за 2025
На Глобалниот индекс за мир (GPI) за 2025 година Македонија е на 51. место со резултат од 1,799. Ова, според Институтот за економија и мир (IEP), претставува пад од четири позиции во однос на минатата година.
Во регионот на Западна и Централна Европа пред Македонија се: Хрватска на 19. место (резултат 1,519, пад од 1 позиција), Бугарија на 29. место (резултат 1,610), Грција на 45. место (резултат 1,764, ).
По нашата земја, на листата е Албанија, која е на 52. место (резултат 1,812, пад од 6 позиции), Босна и Херцеговина на 59. место (резултат 1,895, пад од 3 позиции), Косово на 63. место (резултат 1,908, пад од 3 позиции) и Србија на 6. место (резултат 1,914, пад од 1 позиција).
На глобално ниво, Исланд ја задржува титулата најмирна земја во светот со резултат од 1,095, Ирска (1,260) и Нов Зеланд (1,282).
Русија (3,441), Украина (3,434), Судан (3,323), Демократска Република Конго (3,292) и Јемен (3,262) се меѓу земјите со најмалку мир, погодени од интензивни конфликти и хуманитарни кризи.
78 земји бележат влошување поради зголемениот број надворешни конфликти.
Во делот на милитаризација трендот на подобрување на милитаризацијата беше широкораспространет, при што 111 од 163 земји опфатени во GPI бележат подобрување. Благ напредок има во делот на безбедноста и сигурноста во светот. Во ова насока подобрувања се бележат кај 95 земји, особено во делот за криминал, политички терор и насилни демонстрации.
Помеѓу 2013 и 2022 година повеќе земји имаат подобрување во позитивниот мир отколку што имаат влошување, при што 108 регистрирале подобрувања и 55 регистрирале влошувања.
Овие подобрувања главно биле поттикнати од подобрувања во следните столбови за позитивен мир: слободен проток на информации, правична распределба на ресурсите, прифаќање на правата на другите и високи нивоа на човечки капитал.
• Трите столба на позитивен мир за кои е забележано влошување од 2013 година се добри односи со соседите, добро функционирачка влада и ниски нивоа на корупција.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

