Македонија
Македонските возила останаа заглавени, Грција не ја отвори границата
Сите што тргнаа на патување во соседна Грција од утрово се заглавени на граница. Иако беше најавено дека граничниот премин Евзони ќе биде отворен, сепак грчката полиција не ги пропушта возилата и граѓаните. Колона од десетици возила е пред границата, но и во меѓузоната. Од Министерството за внатрешни работи велат дека тие се должни да ги пропуштат возилата кон Грција бидејќи добиле известување од македонското Министерство за надворешни работи.
Проблемот со непропуштањето возила и граѓани кон Грција е бидејќи тамошните власти не испратиле известување до граничната полиција дека влезот во нивната земја преку овој граничен премин е дозволен од денеска.
Инаку, од денеска ќе треба да биде отворен граничниот премин со Грција за сите граѓани на Македонија што имаат негативен ПЦР-тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Kовид-19 или позитивен резултат на антитела. Потврда за ова вчера даде и премиерот Зоран Заев по средбата со својот грчки колега Киријакос Мицотакис во Атина.
Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб-страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европската Унија. Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР-тест нема да се бара од туристите што се имунизирани со вакцината на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „Астра зенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или на „Гамалеја“ („спутник В“).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

