Македонија
Македонските државјани во странство ќе се попишуваат онлајн од 1 март до 21 април

Попишувањето на македонските државјани кои во периодот на спроведување на пописот 2021 живеат/престојуваат во странство ќе се врши по пат на самопопишување/саморегистрација преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.
„Овие граѓани влегуваат во категоријата на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот под името ‘вкупно нерезидентно население’ и тоа се лицата, државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив“, информираат од Владата.
Услов за овие лица да се самопопишат е точниот eдинствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).
За лицата со место на вообичаено живеење во Македонија, кои за време на пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во државава, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица.
„За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. Давателот на податоците е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, како и соодветен документ од кој ќе може да се преземе неговиот матичен број (со што ќе ја гарантира точноста на дадените податоци). При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци“, се наведува во упатствата.
Во нив се објаснува дека пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на луѓето кои заминале, нивното образование, возраст, со цел преземање политики и социо-економски мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата.
„Овие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места во однос на побарувачката на пазарот на трудот, креирање напредни младински политики и спречување на т.н. ‘одлив на мозоци’“, се вели во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.