Македонија
Македонците и годинава ќе може да патуваат во ЕУ како досега: системот ЕТИАС одложен
Системот ЕТИАС, кој ќе се применува за влез во земјите од Европската Унија, повторно е одложен и ќе почне на крајот на 2026 година, а целосната примена се очекува во април 2027 година.
Ова е трето одложување на примената на овој систем. Системот првично беше најавено дека ќе се применува од почетокот на 2022 година, а последниот датум беше мај 2025 година.
И македонските граѓани ќе треба да аплицираат за ЕТИАС за влез во земјите членки на ЕУ на краткорочна основа, под 90 дена, за туризам, деловни, транзитни или медицински цели.
Програмата ЕТИАС ќе биде во сила од четвртиот квартал од 2026 година па наваму и е наменета за проверка на патниците што пристигнуваат од странство како одговор на глобалното зголемување терористички активности.
Програмата ЕТИАС беше одобрена во 2016 година и ќе бидат потребни четири години за да се развијат потребните системи, кои ќе се поврзат со постојните бази на податоци за имиграција и други безбедносни податоци за да се обезбеди нова алатка за проверка во европските земји.
Во четвртиот квартал од 2026 година граѓаните од Македонија ќе треба да пополнат апликација ЕТИАС пред да тргнат на пат, а тоа ги вклучува и патниците што само ќе транзитираат во ЕУ на пат до други дестинации.
Секој македонски државјанин што сака да влезе во ЕУ повеќе од 90 дена или за други цели, освен оние дозволени според програмата ЕТИАС, ќе треба да аплицира за шенген-виза. Дополнителни детали може да се најдат со посета на https://etias.com/ и користејќи ја процената на почетната страница.
Се препорачува македонските граѓани да ја пополнат својата апликација ЕТИАС 96 часа пред датумот на нивното поаѓање. Целосните детали може да се најдат со посета на страницата.
Македонските граѓани може да очекуваат нивната апликација за ЕТИАС нормално да биде обработена и одобрена во рок од неколку минути, а овластувањето ќе се испраќа по е-пошта во форма на ПДФ-документ. Нема потреба да се печатат или презентираат какви било документи бидејќи ЕТИАС се чува електронски, стои во информацијата на страната за системот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Со робусно ‘извештајче’ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска“, велат од СДСМ
„ВМРО-ДПМНЕ покажува ароганција зад која се крие неуспешен обид да го омаловажи Извештајот на ЕК затоа што е најреалниот доказ за неспособноста на владата на Мицкоски“, велат од СДСМ.
„ЕК дава јасни, детални и објективни оценки во кои е содржана најреалната слика за тоа каде ја доведе Македонија власта на Христијан Мицкоски: во застој, назадување и целосна институционална парализа.
Ова е најлошиот извештај за Македонија во последните десет години. Македонија нема напредок во ниту една област, реформите се блокирани, а владата нема волја, ниту капацитет да ја сработи работата што е во интерес на граѓаните и на државата.
Драстично е назадувањето во владеењето на правото и правдата, со оценка „единица“ во поглавјето 24, најлоша досега.
Судството е под политички притисоци, реформите се во застој, антикорупциските механизми не функционираат, јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат набрзина, без дебата и без транспарентност.
Во економијата и земјоделството има стагнација и слабости во јавните инвестиции, доцнења со поврат на ДДВ, а во образованието и младинските политики резултатите се поразителни, државата бележи пад и под просекот на ЕУ.
Дека реформите не се приторитет за власта покажува фактот што нема пари ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст, што значи дека владата на Мицкоски нема капацитет.
Со робусно „извештајче“ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска. ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на прашањето: зошто државата назадува во секоја област“, прашува СДСМ преку писменото соопштение.
Македонија
Директорот на Царина за извештајот на ЕК: Нотиран висок напредок во областа Царинска унија
Високо ниво на напредок во областа Царинска унија со која раководи Царинска управа, е нотирано во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.
„Високото ниво на напредок, нотирано од Европската комисија, е уште еден цврст доказ дека Царинската управа спроведува значителни реформски мерки и политики коишто треба да овозможат забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на ЕУ“, вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Во извештајот на ЕК се нотира зголемената наплата на приходи на Царинската управа. Вкупните приходи во 2024 година се за 6,3 проценти повисоки споредбено со 2023 година, надминувајќи две милијарди евра.
Во делот на оперативни и административни капацитети се истакнува новата Стратегија за развој на Царинската управа 2025 – 2027, со особен акцент на воспоставениот сеопфатен разузнавачки систем.
Притоа во извештајот е забележан и зголемениот број на случаи на заплени.
Особено е потенциран напредокот во усогласување на ИКТ системите и нивно унапредување – новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5 кој е завршен и пуштен во употреба во јануари годинава, како и развој на системот за регистрација и идентификација на економските оператори ЕОРИ и унифицирано управување со корисници и дигитален потпис.
Во делот на законодавството, Комисијата нотира високо ниво на усогласеност на Царинското законодавство со правото на ЕУ. Ратификуван е Протоколот за елиминација на нелегалната трговија со тутунски производи од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутун, при што како што подвлекува Комисијата, државата има важна обврска во борбата против царински измами, особено во спречување шверц на тутунски производи.
Во борбата со корупција, како еден од главните приоритети на Царинската управа, во извештајот е истакната усвоената Стратегија за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027, која вклучува 22 таргетирани мерки за спречување корупција.
Во делот на заштита на правата од интелектуална сопственост особено се потенцирани резултатите на Царинската управа. Притоа Европската комисија наведува дека во 2024 година во 73 случаи запленети се 147.525 стоки поради сомневање за повреда на правата од интелектуална сопственост.
Во областа на добрососедски односи и регионална соработка во извештајот на ЕК е истакнат потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Царинските управи на Македонија и Црна Гора, чија цел е подобрување на ефикасноста на царинските контроли и спречување на царинска измама, како и забрзување на легалната трговија меѓу двете земји.
Македонија
АХВ заплени небезбедна храна со непознато потекло по спроведен вонреден инспекциски надзор
По добиена пријава, со интервенција од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор на возило во кое се превезувало храна со непознато потекло, на подрачјето во општина Чучер-Сандево.
При извршениот надзор пронајдени се 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограми кикирики во зачинета обвивка, во рефус состојба, без идентификација и без потребни информации за потрошувачите. Во рамки на истата пратка со надзорот најдени се и 900 килограми индиски ореви, со декларација, извести АХВ.
„Бидејќи производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, согласно Законот за безбедност на храна, затекнатите количини се прогласени за небезбедни и истите ќе бидат нештетно уништени. Против лицето затекнато при контролата, поведена е прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна, односно, заради пуштање во промет на храна од страна на нерегистриран оператор и немање на потребни информации за потрошувачите.
На сторителот изречена му е глоба од 600 евра во денарска противвредност“, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство и додаваат дека ќе продолжат со спроведување засилени контроли на терен, со цел спречување на пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.
фото: принтскрин

