Македонија
Манушев: Заев и Борисов ќе најдат решение во наредните денови
Премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев се убедени дека во следните денови ќе се изнајде решение за споровите меѓу двете земји, изјави претседателот на собранискиот комитет за надворешна политика, адмирал Пламен Манушев, пренесува БГНЕС.
„Процесот е исклучително интензивен и се надевам дека овие работи ќе се случат во наредните денови. Премиерот Зоран Заев и нашиот премиер се убедени дека такво решение ќе се најде. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева го изрази ставот на Бугарија пред нивниот министер за надворешни работи. Цврсто сум уверен дека ќе најдеме решение за овој спор и процесот ќе почне “, рече тој.
Манушев вели дека е изненаден од вчерашната изјава на македонскиот премиер Зоран Заев, кој тврди дека барањата на Бугарија не се добрососедски, и се непријателски и неевропски.
„Веројатно тоа беше испровоцирано од разговорите што македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи ги имаше во Софија. Не знам зошто го рече тоа, но ние објавивме меморандум до сите европски институции, во кој кажуваме кои се нашите барања и црвени линии од кои не смее да се отстапи, а двете страни треба да најдат компромисно решение “, рече адмиралот.
„Никој не сака да бидеме пречка за европската интеграција на Северна Македонија, која е братска држава и братски народ“, додава претседателот на парламентарниот комитет за надворешна политика.
Адмиралот Манушев смета дека парламентите на двете земји исто така можат да помогнат во процесот на изнаоѓање решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Министерот соопшти дека нејзиниот сопруг е приведен, а потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

