Македонија
МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА бараат во преговорите со Бугарија да не се погази достоинството на народот
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) истапија со заеднички меморнадум во врска со тековните политички случувања, кој го нарекуваат „Македонски манифест“.
Како што велат челниците на овие три институции, кај нив постои загриженост за исходот од развојот на настаните поврзани со евроинтеграцијата, која е условена од апсурдните барања на Република Бугарија.
Тие изразуваат убеденост во фактот дека како земја ги исполнуваме потребните услови за почнување на преговорите за евроинтеграција, па затоа ги повикуваат надлежните органи и министерства, медиумите, научните, културните и уметничките институции и здруженија, собраниските и вонсобраниските политички партии, како и сите граѓани, на почитување неколку базични принципи:
– преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;
– да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;
– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои:
а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет (што значи дека македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и свој временски континуитет (што значи дека македонскиот јазик опстојувал со векови);
б) македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;
в) споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, некултурен и историски хегемонизам;
г) историската вистина не е политичка догма, туку дијалошка, повеќедимензионална категорија чувствителна на гледната точка, во тој контекст и на националниот интерес на секоја држава, вклучително и на Републиката.
Имајќи ги предвид овие сознанија, УКИМ, МАНУ и МПЦ-ОА категорично апелираат:
– процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите,
– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи;
– да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност;
– да се почитува волјата на македонските граѓани, припадници на македонската Република, да живеат во цивилизирани добрососедски односи и да се продолжи практиката на соработка меѓу културните, научните, образовните, религиските и економските институции, и
– да не се создава конфликтен амбиент во државата, да се сочуваат мирот и слободниот развиток, што подразбира просперитет, алтернатива, демократија и достоинствен живот, вклучително и љубов кон сопствената татковина и држава.
„Македонскиот манифест“ е потпишан од претседателот на Македонската академија на науките и уметностите,
академик Љупчо Коцарев, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, Стефан, и ректорот на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

