Македонија
Марин бара промена на наслов на текст – не ветил, туку рекол ќе се обиде

Општина Аеродром испрати барање за промена на насловот „Марин вети решение за градбата кај ‘Мајчин дом’ за 10 дена“ на текст објавен на „Макфакс“ по вонредната седница. Од Општината наведуваат дека градоначалникот Златко Марин не ветил дека ќе има решение, туку дека ќе се обиде и ќе направи сè за да не се изгради зграда кај „Мајчин дом“.
„Почитувани, потенцираме дека градоначалникот Златко Марин го изјави следното: ‘Се
надевам дека ќе има одлука до тогаш, сè ќе сторам за таму да нема зграда’, изјава што ја имате објавено и во вашиот текст. Во однос на тоа ве замолуваме да го смените насловот во вашата објава и во лидот на веста бидејќи насловот не соодветствува со изјавата ( која е коректно пренесена) и ја доведува јавноста во заблуда“, пишува во реакцијата од Општина Аеродром.
Во продолжение во целост го пренесуваме и објавениот текст на „Макфакс“:
Марин вети решение за градбата кај „Мајчин дом“ за 10 дена
Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, вети дека за 10 дена ќе го реши проблемот со градбата кај „Мајчин дом“. На денешната вонредна седница посветена на овој проблем е донесена одлука за формирање на тело во кое ќе членуваат претставници на Општината и на граѓанските здруженија за наоѓање крајно решение.
По изгласаната одлука, граѓаните го запрашаа градоначалникот што ако за 10 дена, колку што трае рокот за одлука за мораториум, ова тело не донесе одлука и ситуацијата остане непроменета.
На ова, Марин на граѓаните им кажа дека ќе се потруди одлука да биде донесена за помалку од 10 дена.
„Се надевам дека ќе има одлука до тогаш, сè ќе сторам за таму да нема зграда“, рече тој.
Одлуката за формирање на телото беше донесена едногласно, на предлог на градоначалникот. Партиципативно тело ќе брои 9 члена од кои еден член од редовите на Советот, двајца од месната самоуправа, двајца по предлог на здруженијата на граѓани, две стручни лица од одделот за урбанизација и двајца членови од општинската администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претежно облачно со услови за дожд и снег

Времето денеска ќе биде умерено до значително облачно со услови за слаб дожд, на планините и на повисоките места слаб снег, претежно во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје претежно облачно, во раните утрински часови во делови од котлината ќе има услови за врнежи од слаб дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време. По одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност, а локални врнежи од дожд се очекуваат во четврток. Утринските и дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

ЈП Водовод и Канализација известува дека денеска поради изведување на водоводен приклучок од ф 80мм на улицата Васил Стефановски бр 2. без вода ќе останат корисниците на дел од улиците Васил Стефановски, Костурски Херои, Борка Талевски, Петар Поп Арсов, 9-ти Мај, Роза Луксенбург, Христо Смирненски во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Без струја дел од Бутел и Карпош

ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел и Карпош.
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од дел улица Радишани и дел од улицата Бел камен во општина Бутел,
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од корисниците од улицата Јури Гагарин во општина Карпош.