Македонија
Марин бара промена на наслов на текст – не ветил, туку рекол ќе се обиде
Општина Аеродром испрати барање за промена на насловот „Марин вети решение за градбата кај ‘Мајчин дом’ за 10 дена“ на текст објавен на „Макфакс“ по вонредната седница. Од Општината наведуваат дека градоначалникот Златко Марин не ветил дека ќе има решение, туку дека ќе се обиде и ќе направи сè за да не се изгради зграда кај „Мајчин дом“.

„Почитувани, потенцираме дека градоначалникот Златко Марин го изјави следното: ‘Се
надевам дека ќе има одлука до тогаш, сè ќе сторам за таму да нема зграда’, изјава што ја имате објавено и во вашиот текст. Во однос на тоа ве замолуваме да го смените насловот во вашата објава и во лидот на веста бидејќи насловот не соодветствува со изјавата ( која е коректно пренесена) и ја доведува јавноста во заблуда“, пишува во реакцијата од Општина Аеродром.
Во продолжение во целост го пренесуваме и објавениот текст на „Макфакс“:
Марин вети решение за градбата кај „Мајчин дом“ за 10 дена
Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, вети дека за 10 дена ќе го реши проблемот со градбата кај „Мајчин дом“. На денешната вонредна седница посветена на овој проблем е донесена одлука за формирање на тело во кое ќе членуваат претставници на Општината и на граѓанските здруженија за наоѓање крајно решение.
По изгласаната одлука, граѓаните го запрашаа градоначалникот што ако за 10 дена, колку што трае рокот за одлука за мораториум, ова тело не донесе одлука и ситуацијата остане непроменета.
На ова, Марин на граѓаните им кажа дека ќе се потруди одлука да биде донесена за помалку од 10 дена.
„Се надевам дека ќе има одлука до тогаш, сè ќе сторам за таму да нема зграда“, рече тој.
Одлуката за формирање на телото беше донесена едногласно, на предлог на градоначалникот. Партиципативно тело ќе брои 9 члена од кои еден член од редовите на Советот, двајца од месната самоуправа, двајца по предлог на здруженијата на граѓани, две стручни лица од одделот за урбанизација и двајца членови од општинската администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заврши реконструкцијата на една од главните сообраќајници во Кочани
Завршена е целосната реконструкција на улицата „Бел Камен“, една од главните сообраќајници во Кочани, со што значително се подобрува безбедноста и квалитетот на сообраќајната инфраструктура во градот, соопшти Министерството за транспорт.

Инвестицијата е во вредност од 12,7 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за транспорт преку Проектот за локални патишта. Во рамки на истиот проект завршени со реконструкција се и улиците „Борис Трајковски“ и „Гоце Делчев“.
Паралелно со овие активности, преку проектот за поддршка на општините, Владата инвестира и во изградбата на градската магистрална улица „Новопланирана 1“, како и во реализација на уште неколку инфраструктурни проекти во општината, во вкупна вредност од околу 320 милиони денари.
Македонија
Скопјанецот кој запали дипломатски возила, со автобус стигнал до Центар, а бензинот го купил од бензинска во близина на бугарската амбасада
Обвинителството предложи притвор за 44-годишниот скопјанец кој запали дипломатски возила пред амбасадата на Бугарија во Скопје. Против него е поведена постапка за кривично дело предизвикување општа опасност.
„На 15 јуни околу пладне, на булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’ во Скопје, пред Амбасадата на Реублика Бугарија, осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери. На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во Центар, па од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата кои ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка. Веднаш откако го предизвикал опожарувањето го напуштил местото на настанот“, соопшти Обвинителството.
Имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на предметното кривично дело, фактот што било извршено врз две дипломатски возила на пладне, во центарот на Скопје, во период кога фреквенцијата на луѓе и возила во овој дел на градот е голема, јавниот обвиниел оцени дека постојат очигледни околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерката притвор и предложи на Судот да определи таква мерка за обезбедување во текот на постапката.
Македонија
ЦУК: До 18 часот регистрирани се 14 пожари на отворено
До 18 часот се регистрирани 14 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи.
На територијата на државата до 18:00 часот се евидентирани вкупно 14 пожари на отворен простор. Од нив, пет пожари се активни, два се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати.
Активни пожари:
• Општина Илинден – с. Мршевци (сува трева);
• Општина Босилово – с. Секирник (депонија);
• Општина Чашка – с. Војница (нискостеблеста деградирана шума и сува трева);
• Општина Кавадарци – с. Шивец (сува трева);
• Општина Штип – с. Долани .
Пожари под контрола:
• Општина Демир Хисар – градска депонија;
• Општина Кратово – с. Железница (депонија).
Изгаснати пожари:
• Општина Битола – кај Католичките гробишта (сува трева);
• Општина Прилеп – с. Мало Коњари (сува трева);
• Општина Прилеп – кај Средното училиште „Орде Чопела“ (ѓубре);
• Општина Теарце – с. Непроштено (нива);
• Општина Гостивар – с. Бањица (сува трева);
• Општина Гостивар – м.в. Јавор, населба Питарница (сува трева);
• Општина Гостивар – населба Малеадри (сува трева).
