Македонија
Маричиќ – Аранитаси: ЕБОР ја продолжува поддршката за реализација на клучни проекти

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше средба со директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјата, Анди Аранитаси.
На почетокот на средбата вицепремиерот Маричиќ и директорот Аранитаси изразија задоволство од досегашната соработка во рамките на реализацијата на Стратегијата за соработка 2018 – 2023, како и очекување за продолжување на соработката во претстојниот период со воведувањето на ИПА 3 во рамките на инвестицискиот фонд за Западен Балкан (ИФЗБ) како дел од агендата за поврзување, и тоа приоритетно на проекти што произлегуваат повеќе од зелената агенда, вклучително и проекти за чиста енергија и иницијатива од ЕБОР за развој на приватниот сектор.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека од суштинско значење е да се работи заеднички притоа земајќи ги предвид научените лекции во спроведувањето на проектите и да се состави план за градење административни капацитети за спроведување одредени специфични обуки, кои произлегуваат од правилата за набавки, тендери и реализација на проекти на ЕБОР, како што веќе беше побарано од страна на претходниот национален ИПА-координатор.
Во продолжение беа разгледани и можностите за можни идни проекти во соработка со ЕБОР, и тоа во приоритетни области, кои се во контекст на поврзување на земјата со регионот, како и конкретни проекти во насока на спроведување на зелената агенда со кои граѓаните ќе добијат почиста животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.