Македонија
Маричиќ – Бирн: Блокадата му штети на целиот регион и е против интересите на ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на маргините на самитот на Европската Унија за Западен Балкан оствари средба со ирскиот министер за европски прашања,Томас Бирн.
На состанокот беше пренесена позитивна порака за силната поддршка од страна на Република Ирска за нашите евроинтеграции, со верување дека блокадата што побргу ќе биде отстранета и Северна Македонија заедно со Албанија ќе ги почне преговорите.
Вицепремиерот Маричиќ на средбата ги истакна заложбата и посветеноста на дијалогот за надминување на отворените прашања со Бугарија во последните 6 месеци повторувајќи ги позициите на Владата дека нема преговарање за македонскиот јазик и идентитет, а секое решение и предлог дека мора да бидат базирани на европските вредности и стандарди.
„Блокирањето на целиот процес на проширување ѝ штети и е против интересите на Европската Унија, но и на регионот. Овој самит е во исклучително важен момент за Западен Балкан и за ЕУ не само поради политичкиот, безбедносниот и економскиот неред во светот туку и поради зачувување на кредибилноста на ЕУ и веродостојноста на политиката на проширување“, рече Маричиќ на средбата.
Соговорниците на состанокот разговараа и за планираните активности во рамките на посетата на нашата земја од страна на Томас Бирн заедно со министерката за европски прашања на Република Финска, Тити Тупураинен, во рамките на нивната балканската турнеја на почетокот на јули на која вицепремиерот Маричиќ ќе биде домаќин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

