Македонија
Маричиќ – Вархељ: Мора да се направи исчекор во евроинтеграциите, сега е вистинско време за тоа

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања денеска одржа состанок со Оливер Вархељ, еврокомесар за проширување и соседска политика на ЕУ, на кој низ конструктивен дијалог и во позитивна атмосфера разговараа за европската перспектива на земјата и за важноста за деблокирање на евроинтеграциите.
„Бевме и ќе останеме посветени на одржување позитивни резултати во спроведувањето на реформите, како што е потврдено во последниот извештај на ЕК за земјата, и никој не може да го негира тоа. Веќе е време да се даде нов тек на нашата европска агенда и да ги почнеме преговорите со Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ.
На состанокот заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се единственото трајно решение за обезбедување траен мир и стабилност и на Западен Балкан и на Европа и дека треба да се направи чекор напред во евроинтеграциите во интерес на сите.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ, ја потврди поддршка на евроинтегративниот процес и го истакна неговото очекување дека со Бугарија да го изнајдеме најдоброто решение во интерес на двете земји.
Вицепремиерот Маричиќ на состанокот укажа и на нашата посветеност на евроинтеграцискиот процес брифирајќи го еврокомесарот Вархељ за работата и приоритетите на Секретаријатот за европски прашања, како и за потребата од затворање на прашањето со Бугарија и деблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија.
„Постојаното одлагање за добивање датум за почеток на преговорите се одразува на домашната политика, го зголемува евроскептицизмот, но и загриженоста за геополитичката стабилност“, истакна Маричиќ додавајќи дека ние сме веќе докажан партнер на ЕУ и дека верува оти со Бугарија ќе се изнајде европско решение, кое ќе биде конкретен резултат и чекор до полноправно членство Северна Македонија во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Сопругата е родена во Крива Паланка, во однос на предците јас не можам да коментирам такви детали

Додека бугарскиот весник „Труд“ тврди дека Елена Ковачевска, сопруга на Димитар Ковачевски и нејзините дедо и татко се Бугари, премиерот негира. Тој вели дека целото семејство имаат само македонски документи.
Ова е спротивно на тврдењето на бугарските медиуми кои објавија и потврда за која посочија дека е релевантна, а на која пишува дека сопругата на премиерот има бугарско потекло. Не се совпаѓаат ниту податоците кои ги изнесе Ковачевски со оние кои стојат во објавениот документ.
Премиерот посочува дека неговата сопруга е родена во Крива Паланка, а во потврдата објавена од бугарските медиуми, стои дека таа е родена во Куманово.
„Не знам зошто би било од интерес потеклото на роднините на мојата сопруга. Таткото на мојата сопруга е роден во Куманово, дедото во Крива Паланка, мојата сопруга во Крива Паланка, јас сум роден во Куманово, децата се родени во Скопје. Поседуваме документи од РС. Македонија. Во однос на предците јас навистина не можам да коментирам такви детали. Бидејќи да се зборува за прадедовци, никогаш не било предмет на разговор“, кажа Ковачевски.
Според бугарските медиуми, документот за потеклото на сопругата на Ковачевски пристигнал на мејот на весникот „Труд“. Тие ја прогласија за Бугарка.
„Консултациите со лица кои детално го познаваат процесот на стекнување бугарско државјанство, покажа дека документот ги содржи сите потребни атрибути за да биде вистинито. Според неговата содржина, таткото и дедото на Елена Ковачевска – Митко Станојковски и Станојко Станојковски се Бугари родени во општина Босилеград“, се вели во текстот на „Труд“.
Понатаму во текстот се зборува за спорот меѓу Македонија и Бугарија, бугарските барања, како и правата на Бугарите во Македонија.
Македонија
Маричиќ: Иднината на Европа зависи од следните чекори на Унијата

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес учествуваше на панел-дискусијата „Демократијата во Европа – 30 години по Мастришкиот договор: Нови прашања за европската иднината и дилемите поврзани со проширувањето“, на која рече дека Северна Македонија постојано докажува дека е искрен и доверлив партнер на Унијата и дека одамна ја има надминато стратешката крстосница.
„Постојано докажуваме дека сме искрен и доверлив партнер на Унијата и цврсто чекориме кон реализација на целите, со целосен фокус и посветеност на реформите за да го скратиме периодот на постигнување европски квалитет на живот, што е најмоќната инспирација за граѓаните кои нè поддржуваат. Затоа очекуваме државите членки на Унијата да ја приспособат оптиката на реалноста и да одговорат на денешните предизвици, од кои ќе зависи и иднината на Европа“, кажа Маричиќ.
Истакна дека дилемата за иднината на Европа стана прашање во јавниот дискурс по стагнацијата на проширувањето на Унијата и со почетокот на војната во Украина, но дека за него нема дилеми.
„Иднината на Европа е сигурна само доколку перспективата е заедничка, обединета и со Западен Балкан во неа. Останува да се чуе гласот на Унијата, истата да ги направи нашите цели остварливи со лидерски чекор за старт на преговорите, за да обезбедиме подинамичен развој и да го направиме европскиот квалитет на живот јасно остварлив за граѓаните на Северна Македонија“, истакна Маричиќ.
За односите со Бугарија вицепремиерот рече дека стратешко долгорочно пријателство се гради постојано, дека лесно се рушат мостови, но тешко и долго се градат.
„Ние покажавме дека знаеме да градиме мостови со соседите и да подадеме рака. Денес бугарските власти имаат историска можност да подадат рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Први соседи сме, сојузници сме во НАТО, ќе бидеме заедно и во ЕУ“, додаде Маричиќ.
Македонија
Ковачевски повторно воздржан за случајот со Џафери: „Во Собранието се кажуваат многу работи“

Нема коментар ниту осуда од премиерот Димитар Ковачевски за пцостите искажани од собранискиот спикер Талат Џафери.
Ковачевски останува на ставот дека од снимката не се гледа кој со кого зборува. За него, тоа е доволна причина за да не дава субјективно мислење.
Единствено што посочи во однос на снимката на која се слушаат навредливи зборови е: „Во Собранието се кажуваат многу работи“.
Прашан дали ќе ги осуди пцостите, Ковачевски одговори: „Тоа е снимка на која не се гледа кој со кого зборува. Јас во Собранието имам поминато долго време. Во Собранието се кажуваат многу работи. Дел сме биле сведоци преку малите екрани. Да се дава оценка за нешто што не се гледа, бидејќи јас не сум бил таму… Најдобар одговор може да дадат тие кои биле во салата“.
Новинарите укажуваа дека аудиоснимки на кои не се гледа кој со кого зборува се користени и во низа судски предмети како што се покренатите од СЈО за кои има пресуди.
Премиерот, пак, тврди дека пресудите не се врз основа на телефонските разговори.
„Еднаш зборував и за таква работа. Судот пресудува врз основа на материјални докази. Тие кои се осудени, тие за кои има случаи, судот ги води врз основа на закони. Пресуда не се носи врз основа на телефонски разговори, туку врз основа на релевантни документи“, посочи Ковачевски.
Дали има одговорност, според него, треба да одреди Собранието.
„Собранието има етички кодекс на однесување, соодветни комисии каде се разгледува однесувањето на пратениците. Колку што знам, дел од пратениците имаат инцијативи во таква насока. Би повикал на следење на процедурата. Да не заборавиме, Собранието е посебна законодавна власт во државата. Претседател на Влада не може да спроведува процедура во Собрание. Се надевам дека согласно сите наводи и докази дека ќе биде испочитувана процедурата и соодветно ќе бидат донесени одлуки во надлежност на Собранието. Мора да ја видиме дисциплинската постапка и да видиме како пратениците ќе постапат“, додаде Ковачевски.