Македонија
Маричиќ до еврокомесарот за правда Рејндерс: Сите реформи ќе бидат реализирани во блиска координација со ЕУ

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска преку видеоконференциска врска ја оствари првата официјална средба со еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, на која дискутираа за евроинтеграциите на Северна Македонија и реформите во областа на владеењето на правото и правосудството.
Министерот Маричиќ истакна дека покрај сите премрежиња, очекува првата меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите со ЕУ да се одржи до крајот на 2020 година, а дека тој процес значително ќе влијае на развојот на Северна Македонија и темпото на реформите во сите области. Според министерот, позитивниот извештај на Европската комисија претставува силен аргумент и доволна причина зашто земјата треба да ги почне официјално преговорите до крајот на годината под германското претседателство.
На состанокот Маричиќ ги реафирмира својата подготвеност и заложбата сите реформските процеси од Поглавјето 23: правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ и под лупата на Брисел.
Министерот информира дека е почнат инклузивен процес на средби и интензивна комуникација со сите засегнати фактори од правосудството, како Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, судовите и обвинителствата, како и релевантните комори, сè со цел координација и усогласување пред предвидените реформи во правосудството.
Маричиќ истакна дека во претстојниот период ќе се фокусира на реализирање на мандатната мисија и ќе иницира политики за зголемување на професионалните стандарди, одговорноста и транспарентност на судството и Обвинителството.
Воедно, министерот информира дека тој е силен поддржувач за зајакнување на финансиската независност и капацитетите на судството и Обвинителството и дека очекува значително зголемување на нивниот буџет, со што ќе се создадат подобри услови за поефикасна и поефективна борба против организираниот криминал и корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бујар Османи ја објави кандидатурата за градоначалник на Чаир: „Не се работи за функција“

Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес официјално ја објави својата кандидатура за градоначалник на општина Чаир. Одлуката, како што истакна, е резултат на долг период на консултации и сериозно преиспитување, донесена заеднички со луѓето што му се најблиску.
„Не се работи за функција. Они кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик, влегувам искрено, влегувам целосно без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани.“, порача Османи.
Тој истакна дека влегува во оваа трка со посветеност, посочувајќи дека сака иднината на децата во Чаир да биде подобра, а нивното секојдневие побезбедно и поквалитетно.
„На Чаир му се потребни промени вистински, длабоки и човечки промени. Знам дека тие промени не се лесни, и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии, напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и професионален пристап, можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните“, рече Османи.
На крајот од своето обраќање, им се заблагодари на сите кои му ја изразиле поддршката во изминатиот период.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими министерот за економија на Азербејџан, Џабаров

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со Микаил Џабаров, министер за економија на Азербејџан, на којашто беше потврдена спремноста за продлабочување на соработката во областа на економијата, но и во други сфери, како инфраструктурата и туризмот.
За соговорниците, потпишувањето Декларација за стратешко партнерство и пријателство, е неопходен чекор кон склучувањето договор за стратешка соработка во областа на енергетиката.
На средбата, министерот Џабаров ја информираше претседателката за подготвеноста на Азербејџан да потпише со нас договор за долгорочно снабдување со гас, со којшто азербејџанската национална нафтена компанија SOCAR ќе го зајакне присуството во регионот и уште еднаш ќе го потврди угледот како сигурен и доверлив снабдувач со енергетски ресурси на европскиот пазар.
За претседателката, оваа иницијатива гарантира сигурна енергетска транзиција кон Зелената агенда. Таа очекува приклучување кон ТАП (Трансјадрански гасовод), како потенцијално решение за справување со глобалната енергетска криза.
Со оглед на брзиот инфраструктурен развој на Азербејџан, претседателката изрази став дека азербејџанското искуство и експертиза може да ни помогнат за поефикасна реализација на тековните и идни инфраструктурни проекти.
Министерот Џабаров изрази подготвеност за помош на овој план, укажувајќи на позитивното искуство со неколку земји од регионот.
Соговорниците се согласија околу потребата од визна либерализација како важен и неопходен чекор за меѓусебно зближување.
Обајцата укажаа на потребата од иницирање партнерски проекти во сферата на туризмот.
Македонија
Стабилизирана ситуацијата со пожарот кај Преспа, продолжува гаснењето во прилепско

Пожарот што избувна во близина на Преспанското Езеро е ставен под целосна контрола, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Иако на неколку локации сè уште има догорувања во внатрешноста на опожарениот простор, нема опасност од негово проширување.
„Противпожарните екипи се на терен, работат на доизгаснување на остатоците и ќе продолжат со патролирање во текот на ноќта“, изјави Ангелов.
Еден ер трактор на ДЗС успешно интервенирал во неколку налети, полнејќи вода од езерото и гаснејќи го пожарот околу Преспа, додека втор ер трактор денес бил ангажиран во гаснење на пожарот кај Желино и Еребино.
Во Прилепскиот регион, полициски хеликоптер активно дејствуваше околу селата Штавица, Чумово, Волково и Прилепец, каде што претходно беше упатен и еден армиски хеликоптер.
Ангелов уверува дека нема опасност за куќите и објектите и дека на терен има доволно противпожарни сили, вклучително и локално население кое се приклучило во справувањето со огнената стихија.