Македонија
Маричиќ: Заедно со академската заедница ќе ги дефинираме областите во кои ќе можеме да се вклучиме пред членството во ЕУ

Денеска Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во соработка со Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии организираа научната конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: клучни предизвици и приоритети“.
На конференцијата во тематската област „Право и политика“, со свој труд учествуваше вицепремиерот Маричиќ, кој посочи дека сега е време сите заедно креативно да размислуваат и летово да се отвори дискусија за областите во кои ќе може Северна Македонија да се вклучи порано, пред членството во ЕУ.
“Имаме реална шанса Северна Македонија да биде во пакетот на држави кои ќе бидат идни членки на ЕУ. Постои план од страна на ЕУ кој треба да го искористиме за забрзување на реформите и приближување на Северна Македонија поблиску до членството во Унијата“, рече Маричиќ.
Тој укажа дека новата методологија за проширување дозволува динамизирање на преговорите, односно забрзана реализација на реформска агенда и брзи резултати.
“Имајќи ја предвид истата, фазно пристапување, може да го забрза, но исто така има потенцијал и да го успори нашето интегрирање во ЕУ“, рече Маричиќ, посочувајќи дека е неопходно да имаме јасно дефинирани приоритетни области во склоп на забрзаната интеграција, а земјите членки тоа да го поддржат и во следниот период да се креира календар за наше активирање во истите.
Тој очекува дека заложбите на Европската комисија во овој период треба да бидат насочени кон унапредување и забрзување на процесите кои ќе ѝ овозможат на Северна Македонија членство во следниот бран на проширување на Унијата, потенцирајќи дека е важно да се одржи втората Меѓувладина конференција за време на шпанско претседателство, односно до крајот на годината.
Тој во своето излагање посочи дека е исклучително важно улогата и вклученоста на академската заедница во овој државнички процес, како и во придонесот во демократскиот и одржлив развој на македонското општество и држава, потенцирајќи дека понатаму за сите процеси поврзани со евроинтеграцијата ќе продолжи комуникацијата и координацијата со академската фела.
„Дебатите и поинтензивната соработка со академската заедница дополнително треба да придонесат за развојот и демократизацијата на македонското општество, со што практично го забрзуваме интегрирањето во ЕУ“.
Во тематската област „Економија“ се обрати министерот за финансии Фатмир Бесими кој кажа дека досегашната пракса на земјите од Централна и Источна Европа, покажале дека евроинтеграциите се катализатор на економскиот развој, односно подобрување кај сите економски параметри – БДП по глава на жител, странски и домашни инвестиции, трговија, како и подобрување на животниот стандард.
„Единствениот европски пазар од половина милијарда граѓани, пристапот до заедничките фондови, како и заедничките стратегии по однос на клучните прашања се главните придобивки од членството, кои ќе придонесат кон побрза конвергенција на нашата земја кон развиени. Науката може и дава значаен придонес во приближувањето до европските стандарди“ , порача министерот за финансии.
На научната конференција, која се одржа во просториите на МАНУ, учествуваа академици, професори од државните и приватните универзитети, од научните институти, од други домашни научни и стручни институции, како и дел од владините експерти кои активно ќе партиципираат во преговорите со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.