Македонија
Маричиќ – Лудва: Почетокот на пристапните преговори со ЕУ е висок приоритет на чешкото претседателство

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше средба со чешкиот амбасадор во земјата, Јарослав Лудва, и со заменик-амбасадорот Лубомир Пшенка, на која беше разговарано за односите меѓу двете земји, процесот на европска интеграција на Северна Македонија, реформите што се спроведуваат, состојбите во регионот и воената криза во Украина.
Вицепремиерот Маричиќ го информира амбасадорот Лудва за досегашните реализирани реформи на патот кон ЕУ, а го брифира и за динамиката на разговори и соработка со Република Бугарија.
„Соработката е услов за стабилноста и развојот на регионот и секој треба да покаже искрена посветеност на оваа цел. Нашата земја недвосмислено покажа дека е промотор на регионалната соработка, со што активно придонесува за стабилноста – што е важно за ЕУ и пошироко. Членството во ЕУ е наша стратешка определба и работиме на отстранување на блокадата за почеток на преговорите. Чешка отсекогаш била наш поддржувач во евроинтеграцискиот процес и се надевам дека тоа ќе остане и за време на нејзиното претседавање со Унијата“, рече Маричиќ на средбата.
Амбасадорот Лудва му ги предочи на вицепремиерот Маричиќ приоритетите на чешкото претседателство со ЕУ, кои ја засегнуваат нашата земја, посочувајќи дека Чешка останува принципиелен поддржувач на политиката на проширување на Унијата на земјите од Западен Балкан. Во тој контекст беше потврдена и силната поддршка на Чешка за итно почнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Двајцата соговорници се согласија дека Северна Македонија нема друга алтернатива за подобар живот на граѓаните освен членство во ЕУ и воведување европски стандарди и вредности, како и дека Унијата, конечно, треба да го испорача ветеното за земјата врз основа на постигнатиот напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Груби-Ќучук: Да продолжи дијалогот за брзо решавање на спорот со Бугарија

Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби се сретна денес со бугарскиот европратеник и известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
На оваа средба, Груби и Ќучук разговараа за досегашниот тек на преговорите со соседна Бугарија, потребата од нивно динамично продолжување со уште поконструктивен пристап за деблокирање на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, како и за билатералните проекти кои ќе ги продлабочат добрососедските односи.
Првиот вицепремиер Груби на бугарскиот европратеник му ја истакна решителноста и непоколебливоста на земјата на патот на евроинтеграциите, како и го информираше за унапредувањето на работниот процес за реализација на Коридорот 8, најголемиот инфраструктурен проект што поефикасно ќе ги поврзе двете земји.
Европратеникот Ќучук му ја пренесе на Груби неговата посветеност за континуираното лобирање за геополитичката важност на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Груби и Ќучук ја завршија средбата со оптимизам за европската перспектива на Северна Македонија и за прогресивниот развој на двете земји.
Македонија
Од денес повторно е отворена македонската амбасада во Киев

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на посетата на Украина ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев, која беше привремено затворена заради безбедносни причини, по руската инвазија врз Украина.
Со свечено подигнување на знамето од страна на Министерот, Амбасадата отпочна со извршување на своите редовни активности.
„Ова не е само симболична порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, изјави Османи.
Министерот на средбата со неговиот хомолог Дмитро Кулеба, информираше и за одлуката на Владата која беше донесена во пресрет на посетата, со која се обезбедува итна финансиска помош за Украина во износ од 100 илјади евра.
Македонија
Ковачевски: Покачувањето на платите на универзитетските професори е планирано во Буџетот

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на новинарско прашање одговори дека покачувањето на платите на универзитетските професори е веќе планирано во буџетот и тоа од месец септември.
„Го видов писмото од универзитетските професори и контактирав со нив и ги информирав дека покачувањето на платите е предвидено во Буџетот од септември. Точно е дека во целиот образовен сектор треба да се покачат платите и доколку го погледнете буџетот во тој дел ќе видите дека од година во година се зголемува износот во однос на платите во високото образование“, истакна премиерот Ковачевски.
Ковачевски уште додаде дека, освен за платите, има раст и за инвестициите во образованието и науката.