Македонија
Маричиќ: На младите ќе им обезбедиме европска иднина и од тоа нема да се откажеме

Заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања и секретар за меѓународна соработка во СДСМ Бојан Маричиќ, вечерва на инфо сесија под наслов „ЕУ за младите – за знаења, вештини и добро платена работа“ одговараше на прашања за програмата ЕРАЗМУС+ и за можностите кои ЕУ ги нуди за младите за обуки, размени, пракси и мобилност.
„Младите се наша целна категорија на која во изборната програма на СДСМ посветуваме посебно внимание. Македонската младина е европска младина. Ние сме покажале повеќе пати на дело дека знаеме и умееме да бидеме Европјани на дело. Ние ја сакаме ЕУ не затоа што таа е некоја бајка или приказна, туку затоа што носи механизми за тоа како да бидеме подобро општество, за тоа како да искористиме повеќе прилики, како да добиеме можности бесплатно да учиме на најдобрите универзитети во Европа и како тоа знаење да го употребиме, да го вложиме во нашиот развој, во нашата кариера“, им порача Маричиќ на младите.
Според бројките во Еразмус+ на ЕУ, во 2022 година биле опфатени преку 10.000 млади и други образовни и научни работници, кои во земјите на Европа вклучени во оваа програма стекнувале знаење, вештини и реални искуства за усовршување.
„Ние кога сме биле студенти немаше такви можности, ни требаа визи и вистинско чудио беше некој да замине на школување во странство. Вие сте во многу подобра позицијата, имате многу повеќе можности за повеќе успеси и ние никогаш нема да се вратиме назад и ќе одиме само напред“, истакна заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања и секретар за меѓународна соработка во СДСМ Бојан Маричиќ, вечерва на инфо сесија под наслов „ЕУ за младите – за знаења, вештини и добро платена работа“.
Маричиќ и останатите присутни на инфо сесијата, Марко Ѓорѓиевски од Националната агенција за европски образовни програми и Марко Михаилоски од Социјал демократската младина на македонија, одговараа и на прашањата на младите што беа поставени во текот на денот кога беше објавена информацијата за темата на вечерашната инфо сесија.
На прашањето каде може да се најдат детали за можностите за младите во програмата Еразмус+, беше речено дека место за тие информации е Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и нивната веб страница и каналите на социјалните мрежи.
„Националната агенција што ја спроведува Еразмус програмата секогаш била пофалувана и укажувана како најпозитивен пример кај нас и како агенција која што веќе функционира како да сме во ЕУ. Во тој дел сме и добро усогласени, сме прилично напредни. Агенцијата е предмет на пофалби и во годишниот извештај на напредок на ЕУ“, рече Маричиќ.
На инфо сесијата на прашањето дали ЕУ планира повеќе средства за студентските и младинските размени и мобичност, беше речено дека финансиските средства на Еразмус+ програма растат од година в година, а до крајот на овој циклус до 2027 година тие ќе се зголемат со средствата кои за време ковид периодот не беа искористени.
Младите поставија прашање и кој сѐ може да биде корисник на можностите на Еразмус+ и беше кажано дека тоа се сите млади од од 15 до 29 години. Тие можат овие можности да ги користат директно преку повиците на Националната агенција или преку партнерските образовни или граѓански организации.
Заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања и секретар за меѓународна соработка во СДСМ Бојан Маричиќ на крајот од сесијата порача дека политичките лидери се должни на младите генерации да има ја обезбедат нивната европска иднина.
„Нивната иднина и нашата иднина е европска и од неа нема да се откажеме“, нагласи на крајот на инфо сесијата со младите Бојан Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.