Македонија
„Поддршка за членство во ЕУ имаме, наша задача се реформите“
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, оствари средба со Сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија, Каролин Едштадлер, во рамки на работната посета во Австрија.
На средбата од страна на Едштадлер беше потврдена поддршката што во континуитет Република Австрија ја дава на Северна Македонија на европскиот пат и за спроведувањето на реформската агенда.
![]()
-Австрија е земја која ја препознава вистинската и несомнена ориентација на Северна Македонија кон евроатлантските вредности и идеали, а наша задача останува во периодот кој следи да ја задржиме земјата на европскиот пат и забрзано да работиме на постигнување на оваа важна цел, која ќе придонесе за безбедноста и просперитетот на земјите од регионот во целина, рече вицепремиерот Маричиќ.
Владините претставници на средбата го поделија ставот со Сојузната министерка за ЕУ на Австрија дека Европската Унија е нецелосна додека земјите од Западен Балкан не бидат дел од неа.
-Сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер ја дели со нас истата визија и цел: Северна Македонија и регионот треба да бидат дел од ЕУ час поскоро, пишува Маричиќ на својот Фејсбук-профил.
Ковачевски и Едштадлер го изразија взаемното задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји кое се изразува и во недвосмислената поддршка на Австрија за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

