Македонија
Маричиќ-Радман: Ќе биде штета ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса за почеток на преговорите

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше средба со министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Вицепремиерот Маричиќ и министерот Радман разговараа актуелните политички случувања и иднината на регионот и потврдија дека секое одолговлекување на интеграцијата на регионот во ЕУ отвора можност Западен Балкан да се насочи во друг правец.
„За нас е клучно што сме видливи од страна на ЕУ во спроведувањето на реформската агенда и што продолжуваме да управуваме со процесите. Од интерес е и на ЕУ отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, што ќе се даде поттик и на другите земји од Западен Балкан да останат фокусирани на европските реформи за постигнување на демократските стандарди. Штета ќе биде ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса“, рече Маричиќ на средбата.
Притоа, вицепремиерот Маричиќ истакна дека европските реформи и имплементацијата на европските стандарди во земјава продолжува со цел да им се овозможи подобар живот на граѓаните.
Маричиќ се заблагодари на Шефот на хрватската дипломатија, Радман, што Хрватска покажува европско лидерство и што дава целосна поддршка за напредок во проширувањето на ЕУ и нашите евроинтеграции.
„Хрватска е наш искрен пријател и партнер со кој имаме традиционално добра соработка, која уште повеќе ќе ја зајакнеме во процесот на преговарање, бидејќи хрватското искуство за нас ќе биде од голема корист“, истакна Маричиќ.
На средбата соговорниците разговараа за отворање нови можности за зајакнување на соработката во спроведувањето на европските програми, како и Интеррег програмата за транснационална соработка кои се финансираат од ИПА-фондовите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Митева: Власта го лаже народот, следува енормно поскапување на цената на струјата

„После денешните објави на новите цени едно е јасно, РКЕ е надвор од реалноста и од страдањата на овој народ кој едвај врзува крај со крај. Власта повторно удри по џебот на граѓаните. Најголемиот број од домаќинствата, согласно тарифните блокови 3 и 4 ќе плаќаат и до 138% поскапа струја. Тарифниот модел кој го воведе власта е само маска за новото поскапување кое ќе стапи на сила од 01 јули. Зад неразбирлива пресметка за граѓаните се обидуваат да го протнат енормно високото поскапување на цената на електричната енергија“ изјави меѓудругото на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа напомена дека „најголем дел од домаќинствата се наоѓаат во вториот и третиот блок и тие ќе имаат покачување од 10,3%, односно 18,3%. Ваква катастрофална енергетска политика не може да помине неказнето. Ни помалку страшна не е и состојбата кај малите потрошувачи ( институции, дуќанчиња, мали бизниси со помалку од 50 вработени и два милиони евра годишен приход)“.
„Зголемувањето на цената ќе предизвика колапс на нивните бизниси. Имено, кај нив со новиот тарифен систем се дефинира т.н. висока тарифа од 13,794 ден/kWh и ниска тарифа од 10,116 ден/kWh, кои се за 4-5 пати повисоки од досегашните. Со ова најголемиот товар од поскапувањето освен домаќинствата од втор, трет и четврт блок, годинава ќе го понесат и малите потрошувачи со оваа неколкукратно зголемена цена“ рече Митева.
Таа вели дека „ова е вистински масакар врз домаќинствата кои се греат на електрична енергија, особено ако се земе во предвид дека во изминатиов период преку мерки беше стимулирано греењето на инвертер клими како опција за греење на домаќинствата доколку тие извршат замена на нивните грејни тела на дрва со таканаречени инвертер клими. Така истите во зимскиот период од октомври до април ќе плаќаат 138% поскапа струја, а со тоа греењето на нивните домови ќе стане практично невозможно“.
„Затоа што оние домаќинствата кои за греење на струја плаќале сметки од 12.000 денари во грејниот период сега ќе треба да плаќаат 28.560 денари“ рече Митева.
Македонија
Шаќири на подготвителен министерски состанок во Париз

Како да се забрза прогресот на образованието до 2030 година е главна тема на министерскиот состанок кој денес и утре во организација на УНЕСКО се одржува во Париз, а на кој учествува и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Станува збор за подготвителна активност која претходи на Самитот за трансформација на образованието што ќе се одржи во септември годинава во седиштето на УНЕСКО во Њу Јорк, а кој треба да ги мобилизира главните општествени чинители во секоја земја со цел утврдување на нов правец за развој на образованието.
На подготвителниот министерски состанок во Париз е предвидено министрите за образование и наука од повеќе земји од Европа да ги презентираат првичните исходи од националните консултации кои се спроведуваа во изминатиот период, да дискутираат за клучните препораки од активностите за иницијативите за глобална соработка и да ги утврдат најзначаните практики за интензивирање на развојот на образованието.
Свое излагање во текот на денот ќе има и министерот Шаќири, а ќе се осврне на активностите кои Владата на Северна Македонија ги презеде во насока на обезбедување континутет на воспитно – образовниот процес за време на пандемијата, за промените кои се започнати токму во периодот на здравствената криза со цел унапредување на квалитетот на националниот образовен систем и за идните планови врзани токму за остварувањето на оваа цел.
Македонија
Одржан втор јавен состанок на АВМУ за 2022 година

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа вториот јавен состанок за оваа година, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, давателите на АВМУ по барање, издавачите на печатени медиуми, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и податоците за законските одредби кои радиодифузерите во 2021 и првата половина на 2022 година најчесто ги прекршиле и поведените прекршочни постапки од страна на Агенцијата.
Најчестите прекршувања како што посочи м-р Ивона Муфишева од Секторот за правни работи и јавни набавки се однесуваат на обврските за емитување изворно создадена програма, не објавување информации кои треба да се направат достапни за корисниците и правилата за заштита на малолетната публика. За оваа тема беше отворена дискусија која како што истакна Заменикот на претседателот на Советот на Агенцијата Селвер Ајдини, има за цел да ги утврди причините за прекршувањата и да даде препораки на што радијата и телевизиите да посветат повеќе внимание во иднина за да се зголеми степенот на почитување на законските обврски.
За досегашната примена на медиумската регулатива и предлозите за нејзина измена во насока на подобрување на состојбите кај локалните и регионалните медиуми говореше Димитар Мицев од ТВ Канал Вис.
Посебен акцент беше ставен на потребата за создавање на фонд за медиуми, укинување на забраната за рекламирање од членот 102 од ЗААВМУ, високите глоби, правилата за доделување дозволи за радио и ТВ емитување.
Беше покренато и прашањето за лошата финансиска состојба во која се наоѓаат медиумите и можностите за обезбедување поддршка на нивното работење.