Македонија
Марш за женските права – „Држава што не постапува е држава што силува“
Активистки и активисти, денеска, по повод Меѓународниот ден на жената, се собраа пред Министерството за внатрешни работи (МВР) и го почнаа петтиот марш за женските права, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.
Скандирајќи „Држава што не постапува е држава што силува“, активистките изразија поддршка на сите жртви на родово базирано насилство и потсетија дека нема да застанат сè додека институциите не се вклучат активно во разрешување на случаите и санкционирање на виновниците одговорни за родово базирано насилство.
„Виновни се за соучество во злосторство сите што имаат моќ, одговорност и ресурси да обезбедат достоинство, правда, безбедност и заштита на личната сигурност и животот на жените и девојките, а не го прават тоа; сите што се овластени да ги откриваат, спречат, гонат и затворат насилниците, а не го прават тоа; сите што се должни и платени да обезбедат услуги и поддршка на жртвите да ја преземат контролата врз сопствените животи, а не го прават тоа; сите што помогнале во опстојување на криминалот и предизвикале штета, свесно или несвесно, со сторување или несторување, а не смееле да го прават тоа“, изјави Марија Савовска од „Акција здруженска“ и Платформата за родова еднаквост, во говорот што го означи почетокот на маршот.

Таа нагласи дека е неопходно да се обезбедат поврзани институции, јасни правила и професионалци на кои ќе им поверуваме дека ќе му стават крај на насилството врз жените и родово базираното насилство, како и навремени, квалитетни услуги и поддршка за жените и девојките жртви на насилство.
Од Платформата за родова еднаквост побараа неодложно постапување од МВР и Јавното обвинителство по сите конкретни барања, кои и овој пат ги повторија: Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство, кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови што праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени, сексуалното вознемирување преку интернет, особено да се регулира и во Кривичниот законик, и професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
„Тука сме, ве следиме и нема да ве оставиме раат“, заврши Савовска.
По обраќањето на активистките, присутните продолжија по рутата до Паркот на жената борец, каде што со завршни обраќања и краток перформанс за подигање на свеста за родово базираното насилство беше означен крајот на годинешниот марш за женски права.
Маршот е кулминација на неколкунеделните реакции на Платформата за родова еднаквост во насока на бавната реакција на институциите во поглед на случаите на родово базирано насилство за што им дадоа рок на институциите да реагираат до 8 март.
Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 24 организации и мрежи што здружено дејствуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирмата за подготовка на храната во „Димо Хаџи Димов” казнета со 900 евра, во уште едно училиште откриена „ешерихија коли“ во намаз
Операторот за подготовка на храната во основото училиште во Влае, „Димо Хаџи Димов” е казнета со 900 евра откако беа пронајдени бактерии во мусаката, а во уште едно училиште во Општина Карпош се откриени бактерии во намаз.
Инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов”, денес, повторно земаа брисеви од работните површини во кујната, со цел утврдување на најзината безбедност. На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.
АХВ информира дека ги добиле резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви, од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов” и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
„Со 600 евра во денарска противвредност и 300 евра за одговорното лице, казнет е операторот со храна бидејќи со земените мостри храна од ОУ ‘Димо Хаџи Димов’ било потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae)“, соопшти АХВ.
Од земените мостри храна и брисеви во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии.
На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност ( 600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност.
Македонија
Кривични пријави во Гостивар за бесправна градба и фалсификување исправа
Полицијата во Гостивар поднесе кривична пријава против А.А. (42) од овој град поради постоење основи на сомнение за кривичното дело „бесправно градење“.
Пријави се поднесени и против фирма од Гостивар за „фалсификување исправа“, како и против Б.И. (33), сопственик и одговорно лице на правното лице, поради сомнение за „фалсификување исправа“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, првопријавениот во периодот од 2022 година до 10 февруари 2024 година, како инвеститор, изградил индивидуален станбен објект спротивно на издаденото одобрение за градење.
Во пријавата се наведува дека Б.И. изготвил фиктивен завршен извештај за извршен технички прием, во кој внел невистинити податоци.
Македонија
Поранешниот министер најави тужби: „Ми го валкаат името со измислици и лажни тврдења“
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски објави дека поради лажни пријави и клевети од ВМРО-ДПМНЕ, ќе преземе соодветни правни мерки.
Во својата реакција на Фејсбук тој обвинува дека наместо да се соочат со проблемите во земјоделството, власта се насочила кон напади врз него како опозициски пратеник.
Николовски истакна дека укажувал на проблемите со ИПАРД, на неисплатените субвенции и на тешката состојба во земјоделството, но наместо конкретни чекори бил соочен со, како што ги опиша, лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции.
Тој додаде и дека постои тенденција неговото име да се валка со измислици и лажни тврдења, потенцирајќи дека таквите постапки потсетуваат на еден поранешен режим кој неславно заврши, а не на институции посветени на вистински развој на земјоделството. Според него, доколку енергијата била насочена кон поддршка на лозарите, тутунопроизводителите, оризопроизводителите, овоштарите, градинарите и сточарите, резултатите во секторот ќе биле поинакви.
Поради, како што наведува, неразумните обвинувања и обидите за нарушување на неговиот углед, ќе преземе правни мерки.

