Македонија
Мајките обвинителки, ќерките вработени во Обвинителството
Непотизмот во извршната власт е тема што се провлекува со децении, а особено е актуелна изминативе недели. Но, за непотизмот во Јавното обвинителство многу малку јавно се говори. Соговорници за „Макфакс“ тврдат дека непотизмот во оваа институција, кој со години го има, сериозно влијае врз имиџот и довербата во јавноста на оваа институција, а трендот и натаму не запира.
Ќерката на вишата јавна обвинителка, Елизабета Ристевска, Јована, од петокот работи како помлад јавнообвинителски службеник во Основното јавно обвинителство, дознава „Макфакс“. Од Јавното обвинителството ја потврдија информацијата. Од таму информираа дека кандидатката по направената селекција, се покажала како најсоодветна за таа позиција.
„Во спроведена постапка по јавен оглас бр.1/2019 година, што го распиша Јавното обвинителство на Република Македонија, објавен во два весника, и по извршена селекција во согласност со Законот за работните односи, лицето Јована Ристеска е ангажирана од 9.2.2019 година. Лицето е дипломиран правник со положен правосуден испит и ги исполнува општите и посебните услои што се бараат за тоа работно место. Договорот за вработување за ова лице е на определено време, односно до 31.12.2019 година, за работно место помлад јавнообвинителски соработник во Основното јавно обвинителство Скопје“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Од Обвинителството потврдија дека и ќерката на обвинителката за гонење организиран криминал и корупција, Гордана Смаќоска, Билјана Смаќоска, е вработена од 2009 година како стручен соработник во Вишото јавно обвинителство Скопје. Уште една ќерка е вработена како стручен соработник во Основното јавно обвинителство Скопје. Станува збор за Ирена Спасовска, инаку ќерка на обвинителката во државното Јавно обвинителство, Лилјана Спасовска. „Вработената Ирина Спасовска во спроведена постапка по јавен оглас е вработена на работното место стручен соработник во Основно јавно обвинителство Скопје на 5.3.2014 година“, одговорија од ЈОРМ.
Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше избрана Марија Ѓорѓева, внука на претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, за кого има постапка за судир на интереси пред Државната комисија за спречување на корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

