Македонија
МВР жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација, за Тошковски – подгревањето на меѓуетничките тензии е реалност на која работаат службите
Обидите за подгревање на меѓуетничките тензии се реалност за која надлежните служби проследуваат соодветни информации, рече денес министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на отворањето регионален центар за обука во полицискиот центар во Ѓорче Петров. Тој уверува дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на предизвиците што ќе бидат насочени кон дестабилизација на земјата.
„Доколку има такви предизвици во иднина, жестоко ќе одговориме. МВР е подготвено соодветно да одговори на секое дејство што ќе биде насочено кон дестабилизација на државата. Многупати досега во јавноста беше истакнато дека службите во рамките на институционалните форми, коо ги имаме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи, а тие беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Сето она што сме го говореле во минатото од аспект на обиди, видовме дел од нив во овој месец, од аспект на обиди за подгревање меѓуетнички тензии, дека се реалност. Соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина“, рече министерот Тошковски.
Под соодветен одговор министерот Тошковски појасни дека подразбира дејствување на соодветните капацитети за одговор на обидите за дестабилизација на начин што ќе биде потребен за секој граѓанин да се чувствува безбедно.
Меѓуетничките тензии особено ги подгреа замрзнувањето на балансерот, кој гарантира процентуална застапеност на малцинставата при вработување во јавниот сектор. Балансерот престана да важи пред две недели кога Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административните службеници и во правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавниот сектор, кои беа оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

