Македонија
МВР набавува ремени за 300.000 евра, а во Полициската станица Танушевци нема струја и вода
Осум дена полициската станица за обезбедување на границата во Танушевски е без струја, а два дена без вода, алармира денес Независниот полициски синдикат. Престедателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев – Тодев, јавно праша дали истите луѓе во Министерството за внатрешни работи, кои набавуваат 600 ремени за 300.000 евра, ќе се погрижат и за соодветни набавки на струја и вода за станицата во Танушевци.
„Осум дена, повторувам, осум дена, Полициската станица Танушевци е без струја, два дена без вода. Дали ова ќе биде основа за тие што се грижат за набавки и набавуваат нешто што не знаеме каде ќе заврши, ќе имаат доблест да го набават и ова што јавно го кажувам. Не може Полициската станица Танушевци да има невиден проблем со струјата, со што и ЕВН е запознаена, да има проблем со набавка и дотур на вода, а надлежните во Министерството за внатрешни работи да останат без коментари“, реагира претседателот Делчев – Тодев.
Независниот синдикат на полицијата нема свои претставници во комисијата за јавни набавки во МВР, па Делчев – Тодев вели дека не знаат за кого се наменети скапите ремени.
„Што би кажал, освен јавно да го прашам министерот за внатрешни работи дали овие ремени ќе бидат планирани за 600 вработени во полицијата, кои се пензионери и кои три години едноподруго продолжуваат да работат, ќе бидат за 300, 400 или 600 началници во полицијата како раководни лица во рамките на полицијата, ќе бидат ремени наменети за некоја нова генерација на полицијата. Не знам која е намената на набавката на овие 600 ремени по оваа висока цена“, рече претседателот Делчев – Тодев.
Во име на Независниот полициски синдикат тој јавно го праша министерот за внатрешни работи и како се случило во периодот додека траеше полицискиот час да се определат комисии за водење дисциплински постапки во рамките на Министерството со само еден потпис, дали се валидни и дали се во согласност со регулативата.
Претседателот Делчев – Тодев рече дека досега, поради полицискиот час и состојбата предизвикана од коронавирусот, имале толеранција и не ги изнесувале јавно проблемите во полицијата, но со олабавување на мерките најави дека ќе продолжат јавно да бараат одговори на прашања поврзани со полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

